Преку 500.000 луѓе ја напуштија Украина по почетокот на воената инвазија на Русија која започна пред четири дена, соопштија од Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации (УНХЦР).
Дел од нив пешачеле километри низ ноќта, додека други ја напуштиле земјата со воз, автомобил или автобус, формирајќи километарски редици на граничните премини со соседните држави Полска, Молдавија, Унгарија, Романија и Словачка. Дел од бегалците стигнале и во Белорусија, пренесе Еуроњуз.
Оние кои пристигаат најчесто се жени, деца или стари лица, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски забрани мажи на возраст од 18 до 60 години да ја напуштат земјата.
Вчера УНХЦР информираше дека 45.200 бегалци пристигнале во Полска за само 15 часа.
Портпаролот на Агенцијата, Крис Мелцер, изјави дека имало редици од 14 километри на полско-украинската граница и се чекало и по 40 часа за премин. Од УНХЦР очекуваат дека околу четири милиони Украинци можат да ја напуштат државата доколку ситуацијата дополнително се влоши.
Во споредба со другите воени конфликти низ светот, рускиот напад на нивниот западен сосед предизвика голема поддршка за бегалците од Украина. Дури и државите како Полска и Унгарија, кои беа противници на прифаќањето бегалци од Блискиот Исток и Африка им посакаа добредојде на украинските граѓани.
Полска соопшти дека нивната граница за Украинците е отворена дури и за оние кои немаат официјални документи, а ги укина и барањата кон нив за негативен КОВИД-19 тест за влез во земјата.
Истовремено унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој е меѓу водечките политичари со анти-мигрантска идеологија, отпатува до пограничниот град Берегсурањи, каде изјави дека ќе ги прифатат сите граѓани од Украина.
И обични граѓани ги отвораат своите домови за бегалците и волонтираат во прифатните центри. Во Полска беше покрената и Фејсбук страница преку која се нуди превоз од границата и други видови помош.