Бројот на луѓе принудени да избегаат од конфликти, насилство, кршење на човековите права и прогон сега, за првпат во историјата ја надмина бројката од 100 милиони, зголемена од војната во Украина и други смртоносни конфликти, соопшти денеска Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
„Сто милиони се страшна бројка – подеднакво отрезнувачка и алармантна. Тоа е рекорд што никогаш не смееше да се постигне. Ова мора да послужи како аларм за да се решат и спречат деструктивните конфликти, да се стави крај на прогонот и да се решат причините кои принудуваат невини луѓе да ги напуштаат своите домови“, изјави високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
Според новите податоци на УНХЦР бројот на присилно раселени луѓе ширум светот се искачи на 90 милиони до крајот на 2021 година, распламтен од новите бранови насилство или долготрајните конфликти во државите вклучувајќи ги Етиопија, Буркина Фасо, Мјанмар, Нигерија, Авганистан и Демократската Република Конго.
Покрај тоа, од УНХЦР додаваат дека војната во Украина расели 8 милиони луѓе во рамките на земјата оваа година, а регистрирани се повеќе од 6 милиони бегалски движења од Украина кон надвор.
Со над 1 отсто од глобалното население, вкупната бројка е еквивалентна на 14-тата најнаселена држава во светот, посочуваат УНХЦР. Тука се вбројани и бегалците и барателите на азил, како и 53.2 милиони луѓе раселени внатре во границите на своите држави поради конфликт, според неодамнешниот извештај на Центарот за следење на внатрешното раселување (ИДМЦ).
„Меѓународниот одговор за луѓето кои бегаат од војната во Украина е во огромен дел позитивен. Сомилоста е жива и потребна ни е слична мобилизација за сите кризи низ светот. Но, на крајот, хуманитарната помош е палијативна, а не е лек. За да се врати овој тренд наназад, единствениот одговор е мир и стабилност со цел невините луѓе да не бидат приморани да се коцкаат помеѓу страшна опасност дома или несигурно бегство и прогонство“, додаде Гранди.
Од УНХЦР најавија дека на 16 јуни ќе го објават нивниот извештај Глобални трендови, изложувајќи цел сет глобални, регионални и државни податоци за присилното раселување за 2021, ограничен сет податоци ажурирани до април 2022, како и детали за враќањата и решенијата.