Над 21.000 деца во земјава немаат здравствено осигурување, а дури и осигурените деца од домаќинства со ниски примања не се ослободени од партиципација за амбулантни лекови и медицински производи. Децата Роми се значително поранливи – барем секое трето дете од ромската заедница е изложено на повеќедимензионална сиромаштија, а во општата популација тоа е случај кај секое деветто дете. Иако пристапот до основно образование е бесплатен во Северна Македонија, власта допрва треба да обезбеди бесплатен оброк за сите ученици.
Ова се главните заклучоци на Студијата на УНИЦЕФ според која 12% од децата од 5 до 17 години и 9% од децата помлади од пет години се изложени на повеќедимензионална сиромаштија. Станува збор за првата студија за повеќедимензоналната детска сиромаштија на Западен Балкан, направена со светски најприфатениот методолошки пристап во овој домен.
„Лишувањето од образование, ран детски развој, здравје и исхрана, безбедност, како и од љубовта и негата се меѓу петте фактори што најмногу придонесуваат за детската сиромаштија, што укажува на областите каде што има најголема потреба од зголемување на средствата и обезбедување подобри услуги. Децата кои се соочуваат со сиромаштија и/или исклучување се среќаваат со поголеми пречки во пристапување до услугите и добивање на потребната поддршка, бидејќи системите не се поставени за да им служат на овие деца – систематски да ги идентификуваат и децата и потребите, да ги исконтактираат, да ги поврзат со услугите од главните текови и да ги следат во целиот систем. Овие деца не го постигнуваат целосниот потенцијал“, апелираат од УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ заклучува дека повеќедименизоналната детска сиромаштија во земјава е најзастапена во Истоичниот и Југоисточниот регион, а исклучително ранливи се и Полошкиот и Скопскиот регион.
„Според заклучните согледувања на Комитетот за правата на детето (КПД) за Северна Македонија, објавени во 2022 г., власта треба и понатаму да ги зајакнува основните социјални услуги на локално ниво и да го приоретизира обезбедувањето социјални услуги според потребите на децата во ранливи ситуации, особено на децата Роми, децата- бегалци и децата-азиланти, и децата од семејства кои се соочуваат со сиромаштија, попреченост, социјална исклученост и стигма“, посочуваат од УНИЦЕФ.
Од УНИЦЕФ апелираат до власта за подобрување на програмите за здравствена грижа за мајки и деца и вакцинација. Понатаму, велат дека е потребна поголема покриеност на трошоците за воншколски активности за сите деца да имаат пристап. Според УНИЦЕФ, неефикасни се мерките за искоренување детски бракови и подигање на свесноста за негативните влијанија на таквите практики врз децата, особено во ромската популација.
Пристапот до здравствената грижа е предизвик зашто над 21.000 деца во земјата немаат здравствено осигурување, а дури и осигурените деца од домаќинства со ниски примања не се ослободени од партиципација за амбулантни лекови и медицински производи. Ефективноста на програмите за здравствена грижа за мајки и деца, како и програмите за вакцинација на децата, може значително да се подобрат.
„Во извештајот на ЕУ за земјата се забележува дека се потребни дополнителни заложби за системот на социјална заштита да стане поприемчив за децата врз основа на модел за обезбедување услуги фокусиран на детето, меѓу другото и со зајакнување на професионалниот развој и надзор во обезбедувањето квалитетни услуги за заштита на детето. Истовремено, според Конвенцијата за правата на детето треба да се приоретизираат реформите на системот за заштита на деца, меѓу другото и со замена на малите групни домови со вдомување во семејство, како и со понатамошно зајакнување на системот за згрижување деца“, алармираат од УНИЦЕФ.
Оттаму како решение ја гледаат Европската детска гаранција што е клучна активност на Европската Унија за борба со сиромаштијата и за инклузивни општества со слух за децата, како и за системите за здравство, заштита и образование.
Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија е активен партнер на Европската комисија за пилотирање на Европската детска гаранција во седум земји членки: Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Италија, Литванија и Шпанија.
„Ве поттикнуваме да го искористите знаењето и искуството што произлегува од ова партнерство за да го поддржите воведувањето на Европската детска гаранција во Северна Македонија. Иако изгледа амбициозно, една од предностите на оваа земја во врска со таквиот реформски пат е што наследува систем кој имал карактеристики на социјална држава и обезбедувал исклучително широка палета бесплатни основни услуги“, стои во апелот на УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ соработува со Министерството за труд и социјална политика (МТСП), како и со ресорните министерства за образование и здравство, за да обезбеди заштита на правата на сите деца и да обезбеди системски пристап до основните услуги на ранливите деца преку спроведување на Европската детска гаранција.
„Имаме среќа во земјава што имаме наследено систем со карактеристики на социјална држава, кој обезбедувал исклучително широка палета универзални и бесплатни основни социјални услуги. УНИЦЕФ ја поддржува меѓусекторската работна група што го изготвува националниот акциски план за детски права, со што ќе се осмислат мерки за спроведување на Гаранцијата“, велат оттаму.
Според нив, со спроведувањето на детската гаранција во Северна Македонија ќе се воспостават и универзални и таргетирани интервенции за да им се обезбедат социјална заштита, образование и здравствена нега на најранливите деца, меѓу кои и децата на улица, децата принудени прерано да стапуваат во брак, како и деца засегнати од миграција, и пропишана со закон и врз основа на заедницата, во зависност од конкретниот контекст на детето и семејството.
„На овој начин исто така ќе им се помогне на националните и локалните власти да го зајакнат управувањето со јавни финансии во врска со подобро планирање, буџетирање и спроведување на буџетот за основните социјални услуги за ранливите деца – во сферата на детска и социјална заштита, здравствена грижа и образование. Со ова ќе се обезбеди чекор по чекор секое дете да добие пристап до квалитетно образование, здравствена грижа, благосостојба и заштита. И секое дете да може да го постигне целосниот потенцијал“, децидни се од УНИЦЕФ.