УНИЦЕФ повикува на поголеми инвестиции во превенција, заштита, прогон на сторителите и склучување партнерства за да се стави крај на трговијата со деца, по повод 30 јули, Светскиот ден на борбата против трговијата со луѓе.
„Ниедно дете да не се изостави во борбата против трговијата со луѓе“ е овогодинешната порака на глобалната заедница УНИЦЕФ за денешниот ден.
„И покрај тоа што децата-жртви на трговија со луѓе често остануваат неоткриени и непријавени ширум светот, достапните податоци од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, што опфаќаат две децении (2001-2021), покажуваат дека децата сочинуваат 70% од жртвите во Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Како што пишува таму, оваа бројка значително го надминува глобалниот просек, според кој речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе се деца. Просечната возраст на децата-жртви во земјата е 15 години, информираат од УНИЦЕФ, при што девојчињата страдаат несразмерно повеќе и се подложени на двојна експлоатација: и сексуална и трудова.
„Ваквата алармантна распространетост која особено ги погодува младите девојки, го нагласува загрижувачкиот тренд што се влошува во дигиталната ера. Трговците со луѓе во светот го искористија технолошкиот напредок за да оперираат во поголема тајност и да ја зголемат својата профитабилност. Националната подгрупа за борба против трговија со деца известува дека трговците со луѓе сè повеќе ги намамуваат децата со помош на технологијата, преку меѓународно организирани криминални групи и онлајн предатори“, истакнуваат оттаму.
Иако националните партнери постојано вложуваат напори за заштита на децата од трговија со луѓе, состојбата налага поголема заложба и повеќе инвестиции за подобрување на превенцијата, заштитата, прогонот на сторителите и склучувањето партнерства, сметаат од организацијата.
Затоа, според нив, треба да се зголемат инвестициите во службите за детска заштита и во зајакнувањето на системот за детска заштита за подобро справување со основните причини за трговија со деца.
„Сиромаштијата, дисфункционалните семејства и дискриминацијата ги ставаат децата во поголем ризик да станат жртви на трговија со луѓе. Ситуацијата дополнително се усложнува со слабото спроведување на законите за работни односи и за детска заштита. Поддршката и услугите за превенција мора да опфатат пристап до социјална заштита, здравство и образование за децата и нивните семејства“, наведуваат од УНИЦЕФ.
Понатаму, потребно е да се зајакнат капацитетите за откривање и заштита на децата-жртви на трговија со луѓе, меѓу кои спаѓаат и децата „во ризик“ од трговија, додаваат оттаму. Отсуството на долгорочна помош и рехабилитација, како и преголемата зависност од сместување на децата во неадекватни шелтер-центри, сметаат тие, го зголемува ризикот од натамошна трауматизација и ревиктимизација.
„Итно се потребни подобри механизми за идентификација и одржливи решенија за ранливите деца, како и дополнителни инвестиции со кои ќе се гарантира дека системот за детска заштита нуди соодветно старателство и други алтернативни форми на згрижување“, велат тие.
Исто така, од УНИЦЕФ ја истакнуваат потребата да се зголемат и капацитетите за децата да добијат пристап до правда, а сторителите кривично да се гонат. Потребни се, сметаат тие, инвестиции за спроведување на постоечките закони, каде што спаѓаат и постапките за истрага, складирање и зачувување на електронските докази.
„Ова налага континуирани инвестиции во градење капацитети на обвинителите, обвинителските одделенија, судството, специјалните полициски единици и другите релевантни стручни лица и практичари кои треба да се справат со новите предизвици што технологијата ги носи во експлоатацијата и злоупотребата на деца“, појаснуваат од организацијата.
Дополнително, важно е и да се поттикнат мултисекторски партнерства во борбата за искоренување на трговијата со деца, сметаат тие. Според соопштението на УНИЦЕФ, соработката со граѓанскиот сектор, со децата кои преживеале злоупотреба и со групите предводени од поранешни жртви на трговија со луѓе преживеани, е клучна за градење превентивни стратегии и системи за реагирање по мерка на децата и врз основа на информации за доживеаната траума.
„Потребна е прекугранична соработка и соработка со технолошки компании за да се осигура дека напорите се исто така насочени кон справување со новите ризици. За подигање на свеста околу опасностите од трговијата со луѓе, од суштинско значење е да се работи со заедниците и децата и адолесцентите во ризик, како на пример, да се споделат практични информации за тоа како да се пријават инциденти и да се побара помош“, додаваат оттаму.
Трговијата со деца може да се спречи, а на децата што преживеале злоупотреба мора да им се понуди заштита и пристап до правда, заклучуваат тие. Децата жртви на трговија со луѓе доживуваат незамисливи ситуации и често се изложени на тешка експлоатација и злоупотреба. Неоткриени и незаштитени, тие се невидливи, лишени од грижа и поддршка, обесправени и пречесто заробени во мачен циклус на злоупотреба и експлоатација што продолжува дури и кога ќе станат возрасни, посочува организацијата.
„УНИЦЕФ ќе продолжи да ги поддржува властите во нивните напори да ги забрзаат мултисекторските активности за зајакнување на законодавно-политичките рамки, одговорот на кривичното правосудство, поддршката на жртвите и едукативните програми“, велат тие.
Преку обучување на стручните лица на теми од областа на детската заштита и правосудниот систем, оваа организација има за цел да обезбеди грижа за децата кои биле жртви на трговија со луѓе што ќе се раководи од нивната доживеана траума и дополнително ќе го подобри управувањето со податоците за случаите на трговија со деца.
„Само преку заеднички и засилени напори земјата може да ги заштити сите деца и да не изостави ниедно дете во борбата против трговијата со луѓе“, констатира УНИЦЕФ.