ОУ„Климент Охридски“, во Драчево е едно од 15 –те училишта каде што УНИЦЕФ и УСАИД донираа педесетина станици за миење на раце. По тој повод, а во пресрет на новата учебна година која е најавено дека ќе почне со физичко присуство, училиштето денеска го посетија министерката за образование и наука, Мила Царовска, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, директорот на УСАИД Ерик Јановски и Филип Темелковски, градоначалник на Кисела Вода.
„Училиштата се подготвени за враќање на учениците во училишните клупи. За да се спречи ширењето на Ковид-19 во училиштата потребна е максимална одговорност и почитување на планот и протоколите што ги усвоивме од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители, од општините, а секако да бидеме и одговорни и надвор од училиштата“, рече министерката Царовска која изрази благодарност до донаторите за помошта која ја даваат.
Ди Џовани и Јановски ја поздравија владината одлука за отворањето на училиштата во новата учебна година за сите ученици.
„Сметаме дека училиштата се подготвени за држење настава со физичко присуство. Тоа го покажаа и нашите анализи според кои минатата година дури 88 % од наставниците се изјаснија дека учениците немале потешкотии и доследно ги почитувале протоколите за заштита“, рече Ди Џовани.
Мобилните станици за миење раце имаат канистери за вода, сапун и крпи за раце. УНИЦЕФ донираше педесет и две станици на 15 училишта, со финансиска помош од УСАИД. Училиштата ги посочија Институтот за јавно здравје и Државниот просветен инспекторат како критични според капацитетите за вода, санитација и хигиена.
Изборот на училиштата беше направен врз основа на наодите од алатката за самопроценка изработена од Институтот за јавно здравје и Државниот просветен инспекторат, со поддршка на УНИЦЕФ. Оваа алатка ги интегрира напорите за проценка меѓу ИЈЗ и Државниот просветен инспекторат, а ги вклучува препорачаните прашања на СЗО за проценка на капацитетот за вода и санитарно-хигиенски услови.