На Меѓународниот ден на образованието, Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) ја поздрави неодамна објавената Нацрт концепција за реформи во гимназиското образование и ги повика сите образовни чинители да се вклучат во процесот на отворена консултација за ко-креирање на визијата за гимназиското образование.
Нацрт концепцијата е дел од тековните напори на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието чија цел е образованието да ја задржи својата релевантност и да се приспособи кон светот што бргу се менува, велат од УНИЦЕФ.
„Документот претставува патоказ за тоа како да се поддржат наставниците преку осовременети наставни програми, модерни наставни методи и подобри начини на оценување. Во него се наведени и клучните знаења, вештини, ставови и вредности што средношколците треба да ги стекнат во текот на своето школување. Вреди да се напомене дека со оваа Концепција, на учениците им се дава можност да изберат што ќе учат врз основа на индивидуалните потреби и интереси, со поголема флексибилност за комбинирање предмети од различни подрачја. Процесот на отворени консултации ќе им овозможи на сите чинители да придонесат за решавање на критичните образовни предизвици. Образовната криза во земјата се потврди и со најновите резултати од Меѓународната студија за трендови во математиката и природните науки- каде учениците од четврто одделение се рангираа на 44-то место по математика и на 47-мо место по природни науки (од 58 земји-учеснички). Заедничкото креирање долгорочна визија за гимназиското образование ќе даде важен придонес за подобрување на образовните резултати“, додаваат од УНИЦЕФ.
Тие особено го поздравија тоа што во Концепцијата се дава осврт на новите прашања во образованието како што се трансформативниот потенцијал на вештачката интелигенција и напредните технологии. Концепцијата, додаваат дека предвидува учењето да биде попристапно, поинтерактивно и поефективно, нагласувајќи ја потребата од оспособување на учениците и наставниците со вештини за критичка примена на овие технологии.
„Исто така, УНИЦЕФ го поздравува фокусот што Нацрт-концепцијата го става на образованието за животна средина и климатски промени, преку наставата и преку активно учество во еколошки иницијативи. Покрај предложените позитивни промени, УНИЦЕФ предлага да се стави посилен фокус на обезбедување премин од основно во средно образование и спречување на осипување на децата со попреченост и оние од ранливите заедници, меѓу кои и Ромите. Освен тоа, Концепцијата треба да се осврне на потребата за дополнителна поддршка и насоки за заштита на физичкото и менталното здравје на адолесцентите, како и за безбедно и одговорно користење на напредните технологии. Со ова ќе се помогне училиштата да создадат средина која што го поддржува и поттикнува образовниот успех, личниот раст и благосостојба“, додаваат од УНИЦЕФ.
Концепцијата е отворена за јавни коментари до 31 јануари.