Државата треба да биде охрабрена од неодамнешните резултати од програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на ученици (ПИСА) кои покажуваат значителни подобрувања во резултатите од учењето во читање со разбирање, математика и природни науки. Иако напредокот е охрабрувачки, целокупниот успех на учениците останува значително под просекот на земјите во ОЕЦД и тоа повикува сите засегнати страни да останат посветени на реформите во образованието, насочени кон потребите за учење на нашите ученици.
Во споредба со резултатите од ПИСА за 2015 година кога државата беше рангирана меѓу последните пет, податоците за 2018 година покажуваат подобрувања кај сите три предмети и кај сите ученици, од оние со најниски постигања до оние со највисоки. Сепак Северна Македонија е рангирана на 67-мо место од 77 држави учеснички во читање со разбирање и математика и нешто повисоко – 63-та од 77 држави – во природни науки, ставајќи нè на вистинска патека за понатамошни подобрувања и достигнувања.
Со оглед на тоа што развојниот умствен склоп, односно отвореноста и посветеноста кон личен и професионален напредок, е поврзана со повисоки резултати за читање со разбирање, загрижува фактот што во Северна Македонија само 24% од учениците имаат ваков развоен умствен склоп – односно, не се согласуваат или силно не се согласуваат со изјавата „Вашата интелигенција е нешто што не можете многу да го промените кај себе“.
Образовните системи треба да им помогнат на учениците да стекнат знаење, но истовремено и да обезбедат дека учениците знаат како да го искористат знаењето, да развиваат емоционална интелигенција, способност да размислуваат критички и креативно, самодисциплина и љубопитност, чувство на припадност и цел. УНИЦЕФ ги повикува сите засегнати страни да останат посветени на тековните реформи во образованието кои се засновани на докази, а кои ги ставаат учениците во центарот на промените.
Глобалните податоци покажуваат дека меѓу главните двигатели на добри резултати од учењето се квалитетот и компетентноста на наставата – согласно тоа, постои постојана потреба за интервенции кои ги поддржуваат и мотивираат наставниците. Државата во моментов воведува систем за кариерно напредување на наставници. Но, потребно е зголемување на инвестициите за професионален развој на наставниците, во и надвор од училиштето, за да можат да пристапат до повеќе можности за стручно усовршување. Исто така, потребно е зајакнување на критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети, кои ќе им дадат предност на оние кандидати кои имаат добро академско знаење и вештини за квалитетна настава.
УНИЦЕФ забележува дека, иако резултатите од ПИСА ја потенцираат потребата за континуирани напори, важно е државата да биде охрабрена од напредокот, особено поради тоа што во однос на сите земји учеснички, Северна Македонија, на краток рок има најголема позитивна промена во резултатите во читање, втора најголема во природни науки и трета во математика. Овој тренд треба да ги мотивира сите засегнати страни да ги обединат своите напори и да ги насочат кон политики и практики што ќе донесат понатамошни подобрувања.