Ако целиот свет троши ресурси според стапката на најбогатите земји, ќе ни требаат повеќе од три Земји, се вели во истражувањето на УНИЦЕФ објавено денеска. Фондот за деца при Обединетите нации во истражувањето го спореди глобалното влијание врз животната средина на 39 членки на Европската Унија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Изложеноста на штетни загадувачи, потрошувачката на ресурси, отстранувањето на електронскиот отпад и националниот придонес во климатската криза се меѓу индикаторите опфатени во истражувањето.
На врвот на скалата се наоѓаат Шпанија, Ирска и Португалија, бидејќи на своите деца им нудат добра животна средина и имаат релативно низок придонес кон глобалните еколошки проблеми.
Од друга страна, Австралија, Белгија и Канада се меѓу најбогатите земји во светот, за кои се вели дека имаат големо влијание врз глобалната средина, а со тоа и врз децата ширум светот, како и врз децата во тие земји.
„Не само што повеќето богати земји не успеваат да обезбедат здрава животна средина за децата во нивните граници, туку придонесуваат и за уништување и во други делови на светот“, рече Гунила Олсон, директорка на Канцеларијата за истражување на УНИЦЕФ „Иноченти“.
„Во некои случаи, гледаме земји кои обезбедуваат релативно здрава животна средина за децата дома, но се меѓу најголемите загадувачи кои ја уништуваат животната средина во странство“, додаде таа.
Во 39 набљудувани земји, повеќе од 20 милиони деца имаат високо ниво на олово во крвта, се вели во извештајот.