Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ДиЏовани, во пресрет на изборите, испрати отворено писмо во лидерите на политичките партии, за кои вели дека имаат можност да ги стават децата, младите и семејствата во центарот на своите изборни програми.
Исто така, да дадат конкретни ветувања за секое дете да има пристап до квалитетни услуги и повеќе можности да гради подобра иднина за себе и за земјата.
„Децата сочинуваат дваесет проценти од резидентното население од 1,84 милиони, што изнесува околу 180.000 девојчиња и 192.000 момчиња под 18 години. Тие се важен дел на општеството и покрај тоа што всушност не гласаат токму сега. Во не толку далечна иднина, тие ќе бидат лидери на своите семејства, заедници и на земјата. Не само што ќе ја обликуваат иднината на земјата, туку и ќе формираат важни политички ставови врз основа на овие избори“, стои во писмото на претставничката на УНИЦЕФ.
ДиЏовани потсетува дека од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето, пред нешто повеќе од 30 години, и од усвојувањето на Агендата 2030 за одржлив развој во 2015 година, земјата постигна значителен напредок во унапредувањето на правата на децата и адолесцентите – девојчињата и момчињата. Напредокот кон остварување на правата на секое дете налага континуирани напори, вели таа, без никој да биде изоставен.
„Во септември 2022 година, Комитетот за правата на децата ги усвои своите Заклучни забелешки за напредокот на земјата во остварувањето на правата на детето, нагласувајќи ги препораките кои бараат итно внимание, во пет области: координација, недискриминација, насилство врз децата, деца со попреченост, здравство и здравствени услуги. Многу од истите овие прашања, вклучително и напорите да се обезбеди квалитетно образование за секое дете, се истакнати во извештајот на ЕУ. Овие препораки може да се користат за дефинирање на клучните и приоритетни политики во вашите изборни програми“, потенцира ДиЏовани.
Според неа, сите партии имаат улога во градење земја каде сите деца и млади ќе можат да го остварат својот потенцијал.
„Многу критични реформи бараа, но и натаму ќе бараат повеќегодишна посветеност од сите носители на одлуки како што се воведувањето на Европската детска гаранција, образовната реформа; реформата на системот за детска заштита, правосудните и други законодавни реформи; реформите за подобрување на пристапот до програми за превентивна здравствена заштита на децата, и други реформи за поддршка на семејствата, вклучително и семејствата на децата со попреченост“, нагласува ДиЏовани.
На крајот од писмото, таа потенцира дека претстојните избори се можност да се изработат политики насочени кон семејството, младите и децата што ќе резултираат со подобра земја.
„Изборите отвораат можности за иднината. Таа иднина се гради сега, а децата и младите сметаат на овие избори. Како неполитичка и непристрасна организација, УНИЦЕФ е подготвен да работи со сите партнери за унапредување на правата на децата и обезбедување еднаква шанса за светла иднина за секое дете и секој млад човек“, стои во писмото на претставничката на УНИЦЕФ.