Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија изразува загриженост од растечкиот број случаи со голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружува кон повикот на здравствените експерти до родителите и старателите да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.
„Само со постигнување колективен имунитет можеме да ги заштитиме оние што не можат да се вакцинираат како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет. За да ги заштитиме децата и заедниците важно е сите деца што од било која причина ја пропуштиле вакцината според националниот календар на имунизација да ја примат вакцината“, велат од преставништвото на УНИЦЕФ.
Оттаму се на ставот дека благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, родителите денес ја имаат таа среќа да растат без да доживеат некој член од семејството или пријател да им почине или да има доживотни последици од болести како што се мали сипаници или детска парализа.
Сегашната епидемија од голема кашлица, велат од УНИЦЕФ, потсетува на важноста од одржување опфат со редовна вакцинација на децата над 90-95% за да се постигне колективен имунитет.
„Докажано е дека вакцините се безбедни и глобално секоја година тие спасуваат 2 до 3 милиони детски животи од сериозни болести. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите: обезбедете им на своите деца онаква заштита каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото. Имате моќ да го заштитите своето дете, другите деца и заедницата од болести што може да се спречат со вакцини што се докажано безбедни и високо ефикасни“, стои во дописот.