Мировната мисија на ОН во Либан (УНИФИЛ) предупреди дека секоја израелска инвазија на либанска територија ќе биде кршење на суверенитетот на земјата и на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, пишува „Анадолу“.
„Секое преминување во Либан е кршење на либанскиот суверенитет и територијален интегритет и кршење на резолуцијата 1701“, се вели во соопштението на УНИФИЛ.
Израелската Армија претходно соопшти дека започнала „ограничени и насочени“ копнени операции во јужен Либан.
Мировната мисија на ОН ги повика Израел и Хезболах „да се повлечат од ескалаторните акти“, велејќи дека „цивилите мора да бидат заштитени, цивилната инфраструктура не смее да биде цел и меѓународното право мора да се почитува“.
„Ги повикуваме двете страни повторно да се обврзат на резолуциите на Советот за безбедност и 1701 (2006) како единствено остварливо решение за враќање на стабилноста во овој регион“, се вели во извештајот.
Усвоена на 11 август 2006 година, резолуцијата 1701 повикува на целосен прекин на непријателствата меѓу Либан и Израел и воспоставување на демилитаризирана зона помеѓу Сината линија (де факто границата меѓу Либан и Израел) и реката Литани, дозволувајќи само либанската Армија и УНИФИЛ да поседуваат оружје и воена опрема во областа.
Израел од 23 септември започна масовни воздушни напади против, како што ги нарекува, локациите на Хезболах низ Либан, при што загинаа повеќе од 1.057 луѓе, а беа повредени над 2.950 други, според либанското Министерство за здравство.
Во нападот беа убиени неколку лидери на Хезболах, вклучувајќи го и неговиот лидер Хасан Насрала.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа, во која загинаа речиси 41.600 луѓе, главно жени и деца, по прекуграничниот напад на Хамас минатиот 7 октомври.
Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади врз Либан би можеле да го ескалираат тековниот конфликт во Газа во поширока регионална војна.