Најголемиот саем на универзитети „УниКомпас“ во организација на дигиталната студентска заедница „Студентарија“ ќе се одржи оваа сабота (6 јули) со почеток во 10 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Учество ќе земат повеќе од 20 факултети од различни универзитети кои пред матурантите ќе ги презентираат своите програми, услови и можности, ќе има кариерни советници, две работилници со психолог, а присутни ќе бидат и неколку компании и организации за млади и студенти кои ќе ги претстават своите проекти и услуги, но и можностите за кариера. Исто така, секој што ќе присуствува влегува во игра за главната награда – летување за двајца во Будва.
„Саемот ‘УниКомпас’ е единствена можност за средношколците и идни студенти на едно место да се сретнат со претставници на повеќе факултети и универзитети, да дознаат за нивните студиски програми, уписни рокови, можности за стипендии и кариера, животот на кампусите, но и да учествуваат на работилници за кариерно советување и да ги истражат различните образовни и професионални патишта кои ќе ја одредат нивната иднина“, велат од „Студентарија“.
Како што потенцираат оттаму, настанот има за цел да ги опреми матурантите со увид и ресурси што им се потребни за да донесат информирани одлуки за продолжување на нивното образование и кариера.
„За оние средношколци кои сè уште не знаат што и каде да студираат, на настанот ќе бидат присутни професионални кариерни советници кои ќе им понудат совет и насоки за полесно да ги донесат ‘тешките’ одлуки“, додаваат од дигиталната студентска заедница.
Првата работилница со психолог насловена како „Како полесно да зачекориш во студентскиот живот?“ е наменета за матурантите и нејзината цел е тие да се подготват за следниот чекор од нивното академско патување и предизвиците со кои би можеле да се соочат како што е живеење во друг град надвор од дома, во нова средина и претстојните испитни сесии.
Додека пак, втората работилница е дел од „Родителското катче“ на саемот и има за цел да им обезбеди на родителите и старателите вредни сознанија, стратегии и поддршка за тоа како да и помогнат на децата полесно да ја поминат оваа клучна фаза од нивните животи.
Регистрацијата за учество е во тек, а сите заинтересирани средношколци, студенти и нивните родители може да се пријават на следниот линк.
Исто така, во соработка со општините Битола, Гевгелија и Куманово, до МКЦ е организиран бесплатен превоз од овие градови.
„Секој што ќе присуствува на саемот УниКомпас, влегува во игра за главната награда – летување за двајца во Будва, Црна Гора. Заслужуваш добар одмор пред новиот студентски живот. Извлекувањето ќе биде на лице место“, истакнуваат од „Студентарија“.
Повеќе информации за настанот, како и деталната агенда, може да се најдат на веб-сајтот на „УниКомпас“.