Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на последната седница едногласно ја прекина постапката за одземање дозвола за емитување на универзитетското радио на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кое ги исполнило обврските и ги подмирило потребните средства.
Од АВМУ уште на претходна седница дискутираше и изрази надеж дека ова непрофитно радио ќе продолжи да работи, како и досега, бидејќи потенцираа дека станува збор за „добро опремена куќа во која се обучуваат дел од студентите“.
Инаку, како што објави агенцијата „Мета“, освен за „УГД ФМ“ од Штип, прекината е постапката за одземање дозвола и за телевизијата „Канал 21“ од Велес, како и радијата „Акорд“ од Кичево и „Бум“ од Куманово.
Советот почна постапка за одземање на лиценците на две скопски телевизии „Шутел“ и „Едо“ и пет радија од целата земја, кои не ја платиле лиценцата. Тие имаат рок од две недели ги платат средствата.