Третата вечер од „Unknown 2014“ помина во знакот на големата „paint fight“ – борба со бои, финалето од dance off-от и настапите на цела низа диџеи, почнувајќи од Henrik Shwarz и Heidi, до Eats Everything, Paramida и Gatto Fritto.
Поради лошите временски услови, забавата која требаше да случи на островот Катарина беше преместена на Терасата покрај базенот. Така сите посетители на фестивалот ја добија можноста да го чујат феноменалниот избор на Young Turks x Hivern Discs. По втор пат во 48 часа го слушавме изборот на Jamie XX, овој пат b2b со John Talabot. Целата забава започна со „меки“ басови во стандардниот стил на Jamie и John, но полека прогресираше во поенергичен избор на музика (techno, funk и dance) со цел да ја „размрдаат“ и разведрат публиката, која беше нерасположена поради огромните облаци кои се надвиснуваа од небото и и се закануваа на вечерашната забава.
Tasker, Jimi и Danny Baughman посериозно му „објавија војна“ на студеното време и направија се во нивна моќ за да ја загреат публиката, со одлична селекција на енергични траки. Публиката имаше уште една причина за подобрување на расположението, големата борба со бои (paint fight). Поделени во два „табора“, снабдени со различни бои во нивните раце, голем дел од посетителите на Unknown вчера се „напаѓаа“ меѓу себе притоа правејќи огромно виножито од прашина во воздухот пред Главната сцена.
На вечерната забава пристигнавме за време на сетот на Heidi на сцената Атлантис. Русокосата диџејка ја „истресе“ публиката од калта насобрана на нивните чевли и алишта, со солидна селекција на house и techno. Во нејзиниот вообичаен стил, Heidi постојано ги следеше реакциите на публиката што и овозможи да создаде фина атмосфера за танцување и да ја подготви публиката за енергичниот сет на Eats Everything.
На Планината, вчера вечер настапија Paramida, Gatto Fritto, Hunee, Rub’n’Tug и Prins Thomas. Исто како и на првата вечер од фестивалот, и овој пат сите диџеи се менуваа позади пултот постојано, така претворајќи ги овие 5 засебно најавени сетови во еден голем b2b4 перформанс. Тешко е да се дефинира каква точно музика се слушаше во текот на овој релативно долг заеднички сет, затоа што жанровите и изборот се менуваа секогаш кога различен диџеј ќе добиеше контрола над миксетата. Од space techno до funk, палетата на жанрови беше огромна. Тоа резултираше во пренесување на танцувачката „треска“ која се случуваше на сцената каде диџеите танцуваа на своите и туѓите селектирани траки, и на публиката.
На патот кон Шумата, веќе традиционално подзастанавме кај Малата Медина. Оваа вечер, таа беше „засолниште“ и место за одмор за многу голем број посетители на фестивалот кои сакаа да одморат од техно сетовите и „хипстерските“ настапи, на комерцијална музика и многу евергрини. Од безвременската “I wanna dance with somebody” до популарната „Get the fuck out“, диџеите на Малата Медина и оваа вечер успешно ја анимираа целата публика.
Во Шумата пак, го фативме крајот на магичниот настап во живо на Henrik Schwarz кој ја однесе публиката на музичко патување во длабочините на house музиката. Веднаш по него започна специјалниот b2b сет на Ame и Dixon, задолжени за завршување на вчерашната забава во Шумата. Нивниот 3 часовен сет беше совршен начин за дочекување на студеното утро и изгрејсонцето во шумата на кампот Амарин.
Вечерашната забава ќе биде кулминација на Unknown 2014. Oд John Talabot, Dusky и Еskimo Twins, преку Last Waltz и Horse meat disco, до Totally Enormous Extinct Dinosaurs и Disclosure, публиката очекува многу од она што е најавено за вечерва.
Јована Ѓорѓиовска