Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека од почетокот на војната во Газа изгубила 212 вработени, пишува „Анадолу“.
„212 колеги на УНРВА се убиени од почетокот на војната во Газа“, се вели во соопштението на УНРВА.
Оттаму велат дека и покрај смртните случаи тие сепак продолжуваат да доставуваат хуманитарна помош секаде каде што е можно.
УНРВА нагласи дека хуманитарната операција во Газа „стана една од најпредизвикувачките во светот за ОН во моментов“.
„Хуманитарната операција во Газа е една од најпредизвикувачките операции во светот за ОН во моментов. Од 7 октомври документирани се 464 инциденти во наши простории и врз наши луѓе“, додаваат оттаму.
Инаку, војната во Појасот Газа почна на 7 октомври минатата година. Според податоците на палестинското Министерство за здравство досега убиени се околу 40.476 Палестинци а повредени се над 93.600.
Веќе 10 месеци поголемиот дел од Газа е урнат а ситуацијата дополнително се влошува поради недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Според последните истражувања на УНРВА, во Газа има повеќе од 40.000 случаи на хепатитис а поради недостиг на вакцини против детска парализа зголемен е и бројот на деца кои страдаат од оваа болест.