УНРВА: Речиси милион раселени Палестинци се изложени на ризик од екстремен студ

Речиси милион раселени Палестинци во завојуваниот Појас Газа се изложени на ризик од екстремен студ и дожд оваа зима, предупредуваат од  Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНРВА), пишува „Анадолу“.

„Раселените луѓе во Газа имаат потреба од заштита од дожд и студ. Само околу 23 отсто од потребите се задоволени, оставајќи 945.000 луѓе во ризик во текот на зимскиот период“, се вели во соопштението на агенцијата на ОН.

Се додава дека итно е потребна помош за да се решат огромните потреби додека кризата се продлабочува.

УНРВА соопшти дека палестинските цивили во централниот град Деир ал-Балах и низ енклавата „пребаруваат низ урнатините на нивните уништени домови, обидувајќи се да го спасат она малку што остана по израелските воздушни напади“.

„Човечката цена на оваа војна е неподнослива“, соопшти УНРВА, повторувајќи го својот апел за итен прекин на огнот во Газа за да се спречи понатамошно страдање.

Израел започна војна на Појасот Газа во која повеќе од 44.700 луѓе, главно жени и деца, се убиени од 7 октомври 2023 година.

Минатиот месец, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.