Претставата „УПМ“ (Уметност-Политика-Мудрост) утре (четврток, 16 јуни) од 20 часот ќе биде изведена во скопскиот Младински културен центар (МКЦ).
Кореографија и режијата се на Бобан Русески и Јована Зајкова, додека музиката е на Дејан Теодосиевски. Изведува – Квартет ВИВА Стрингс.
„Секој викенд истото прашање… Да одам на театар или во кафана? Изборот е тежок, џебовите не толку многу, карта за претстава 300 ден, а грло жедно без пијачка не поминува. Епа другари и нас ни се смачи. Додека да завршиме со работа сите кафани испозатвориле. Па си викаме две у едно. И работа и задоволство. Ќе си ја земеме работата у кафана. Или во случајов кафаната на работа. Па ако сакате да се пофалите дека сте биле на театар, а всушност да се закитите со едно културолошко кафанско искуство, елајте на претстава. Ќе има мезе, пијачки, добро друштво. И жива музика ќе има. А и ние ќе настапиме исто…“, се вели во најавата за „УПМ“.