Полициски службеници во два наврати на лична адреса ја барале уредничката на Телма, Весна Јовановска Дојчиновска, по наредба на обвинител, за да учествува во распит за информација која воопшто не е објавена на ТВ Телма и на дигиталните сервиси на телевизијата, објавија од Телма.
Од таму посочуваат дека, по вторпат, член на семејството на новинарката ја примил поканата за распит кој се однесува на кривична постапка во која се опфатени други луѓе, а ниту обвинителството ниту полицијата не провериле дали спорната содржина е објавена на Телма.
„Покрај тоа, ТВ Телма во допис го има известено надлежниот инспектор на СВР Скопје кој работи по наредба на обвинител на ОЈО-Скопје, дека на спорниот датум (28 февруари 2022) воопшто нема таква содржина објавена во вестите коишто ги уредувала Дојчиновска-Јовановска. Станува збор за кривична пријава за дело „Предизвкување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна и друга дискриманторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик, која Марјан Арсовски ја има поднесено против Љубомир Фрчковски. По пријавата, обвинителот на предметот, повикувајќи се на пријавителот дека спорната содржина е објавена на Телма (што воопшто не е точно) издал наредба до МВР да се испитаат кривичните наводи, да се обезбедат снимки од вестите на 28 февруари 2022 во 15:30 и во 18:30“, соопштува Телма.
Телевизија вели дека по добивање на барањето на почетокот на мај, веднаш одговориле на припадникот на МВР задолжен за предистражната постапка дека не постои и нема таква информација објавени на вестите на Телма на посочениот датум.
Според телевизијата, од МВР првично соопштиле дека ќе ја повлечат постапката за предавање на покана за распит, но полицајците веќе наредниот ден повторно ѕвонеле на вратата на адреса на новинарката кога член на семејството ја зел поканата.
„Од друга страна, скопското обвинителство тврди дека во постапка не е потребно присуство на уредничката Јовановска-Дојчиновска и дека таква обвинителска наредба ќе биде повлечена“, објави Телма.
За случајот веднаш реагираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Како проблематична ја оценуваат постапката преку која МВР, но и ОЈО инволвираат новинари кога постапуваат во случаите без да ги информираат зошто се повикуваат на службени разговори.
„Потенцираме дека сите меѓународни регулативи, стандарди и препораки укажуваат на тоа дека кога органите на прогонот веќе постапуваат во случај кој вклучува новинар, тоа треба да го направат на начин што преземените овластувања не смеат да имаат ефект на заплашување, заканување или ограничување на слободата на новинарите и медиумите. Дополнително, МВР и ОЈО најмалку што можат да сторат е да стапат во контакт и да ги разјаснат околностите на транспарентен начин, во спротивно ова може сериозно да влијае врз условите во кои новинарите си ја вршат својата работа“, се вели во реакцијата на ЗНМ и ССНМ.
Дополнително, забележуваат медиумските организации, овој случај е уште еден аргумент зошто е потребно посебно одделение во рамки на ОЈО кое ќе третира предмети и случаи во кои се инволвираат новинари и медиумски работници.
„Потсетуваме дека потребата од континуирана едукација и усовршување на знаењето на обвинителите во заштита на новинарите е обврска на државата како членка на Советот на Европа. Укажуваме дека и кој било граѓанин доколку е незадоволен од начинот на известување во медиумите на располагање ги има саморегулативните механизми. Секоја друга форма и законска можност примената од правосудните органи може да води кон цензура и самоцензура, но и одредена форма на заплашување и предизвикување страв, со што се става црна дамка на демократското владеење“, реагираат ЗНМ и ССНМ.