ХО Искра во соработка со Фондацијата Викимедија, Википедија на македонски јазик и Споделено знаење, ќе организира два уредувачки маратони на 24 и 25 февруари. Преку преводи од англиски јазик, пишување и дополнување на Википедија статии на македонски јазик за различни видови инвалидитети/попречености, организаторите сакаат да ја збогатат Македонската Википедија со ажурирани и веродостојни информации.
„Во оваа категорија постојат многу мал број на статии, само во однос на Аутизам, Даунов синдром, Аспергеров Синдром. Покрај збогатување со нови статии, целта е и уредувањето да биде направено со информации и статистики со македонски контекст, но и обучување на нови уредувачи кои и понатаму би можеле самостојно да бидат дел од заедницата на Википедија“, велат од ХО Искра.
Од организацијата потенцираат дека ќе се уредува на темите: општа статија за инвалидитети/попречености, за церебрална парализа, асистивна технологија, Конвенцијата за правата на лицата со попречености, како и ажурирања на веќе постоечките статии во оваа категорија.
Обуките и уредувачките маратони ќе траат три и пол часа, со почеток во 12 часот, а секој може да си одбере дали сака да учествува на 24 или 25 февруари.
„Добредојдени се сите, стручно познавање не е задолжително, иако е добредојдено познавање на овие теми или искуство со уредување на Википедија, а посебно се поканети студенти на медицина и медицински професионалци“, велат од организацијата.
Бројот на места е ограничен. Учесниците за да бидат сигурни дека имаат резервирано место, треба да го пополнат формуларот за регистрација на следниот ЛИНК.
Повеќе информации можете да се најдат ТУКА.