Уште 99 денови за работа – ќе го зачува ли Охрид статусот од УНЕСКО?

Остануваат 99 денови за потребните активности кои треба да се преземат, со цел Охрид да го зачува статусот на град заштитен под УНЕСКО. Од Општината велат дека се сериозно посветени на успешноста на процесот за исполнување на препораките, 19 на број. Од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, пак, велат дека најверојатно ќе се избегне Охридскиот Регион да биде ставен на листата светско наследство во опасност. Но, дополнуваат, не поради преземените мерки, туку благодарение на манипулативноста на властите.

Од Општина Охрид за Радио МОФ велат дека градежните инспектори заедно со екипи ангажирани за спроведување на акцијата за отстранување на бесправно изградени објекти, секојдневно спроведуваат планирани контроли и активности поврзани со отстранувањето на дивопоставените платформи од угостителските објекти, кои се лоцирани на крајбрежјето, од месноста „ЈНО“ до населбата „Канео“.

„Дел од сопствениците на угостителските објекти кои имаа добиено известувања за извршување, во текот на изминатиот период веќе постапија во согласност со издадените решенија за отстранување на објектите, а дел од нив се уште извршуваат активности за споведување на решенијата“, соопштуваат од Општина Охрид.

Оттаму додаваат дека паралелно ќе се отстрануваат дивоградбите кои се во тек на изградба, како и дивоградбите опфатени со регистарот на дивоизградени објекти, за периодот 2006-2019 година.

„Во текот на наредниот период ќе се пристапи кон отстранување на објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид. Сите активности се спроведуваат и ќе се споведуваат во кооринација со надлежните институции на централно ниво“, велат од општината.

Но, иако беа прашани, од Општината не одговорија на прашањата на Радио МОФ за тоа колку дивоградби се срушени досега, колку од сопствениците на објекти сами најавиле отстранување на дивоградбите, како и колку од нив веќе ги отстраниле дивоградбите.

Од иницијативата „Охрид СОС“, сметаат дека се манипулира со бројките на дивоградби.

„Со бројките се манипулира, со отстранувањето се тактизира, градоначалникот повеќе од очигледно се обидува да најде начин како дивоградбите да се озаконат, наместо да се погрижи дали исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион ќе биде загарантирана сега и во иднина. Проценката за влијанието на овие градби е пролонгирано до средината на 2021 година, а што со дивоградбите до тогаш?“, алармираат од иницијативата.

Досегашната работа на општината, за активистите на „Охрид СОС“ е големо разочарување. Велат дека се надевале на промени, откако беа откажани планови за ски-центарот на Галичица и експресниот пат, но сега се разочарани. Дополнително се сомневаат дека сиот процес е корумпиран.

„Сведочиме силни индикации за корупција, нелегални активности и уништување на природното и културното наследство – на брегот, во центарот на градот, во заштитниот појас на строго заштитената зона, на пр. хотелот во Лагадин, пицеријата на советникот Усеини, ресторанот Острово во Св.Наум, римската вила во Варош.  Една од основните обврски на Општината е да иницира заштита на природното наследство. Тогаш каде е заштитата на 63,97 хектари Студенчишко Блато која беше до крајот на 2018 година? Каде се строго-заштитените зони во Охридско Езеро кои ќе го гарантираат опстанокот на загрозените видови? Зошто не се знае бројот на пастрмката и белвицата во Охридско Езеро и нема никакви мерки за заштита? Зошто градоначалникот ни цитираше закон за озаконување дивоградби, наместо закон за природа? Зошто не сведочиме ревитализација и унапредување на природата, туку токму спротивното?“, прашуваат од иницијативата.

Од Општина Охрид велат дека има значителен напредок во делот на исполнувањето на препораките за само три месеци. Како една од исполнетите препораки се споменува таа под реден број 6, која се однесува на Одлуката за времен прекин на донесувањето и спроведувањето на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.

Во однос на ова, „Охрид СОС“ потсетуваат дека поднеле барање за мораториум до владата и Општината уште претходната година во 2018 година, а истите се прогласиле за ненадлежни. Алармираат и дека сегашниот мораториум ќе заврши на 1 февруари 2020 година, без оглед на резулатите.

„Свесно игнорирајќи ги овие огромни пропусти, македонската влада ќе го употреби фиктивниот мораториум како „доказ“ за исполнување во насока на подобрување на состојбата во регионот“, се сомневаат од „Охрид СОС“.

Регистарот на бесправно изградени објекти, е уште една од исполнетите препораките (реден број 9), информираат од Општината. Но, овој регистар јавноста до денес го нема видено, и покрај реакциите да биде јано објавен.

Општина Охрид информира дека во тек е изработка на Сообраќајна студија за Охрид, кој спаѓа во делот на препораката со реден број 18, а велат и дека веќе функционира постојан режим на сообраќај со електронска евиденција на возилата во стариот дел на градот. Значаен напредок, велат, има во однос на препораката со број 19, која се однесува на отстранување на неавтохтоните видови растенија и рекламните билборди.

За „Охрид СОС“ сите препораки се спроведливи кога се има вистинска волја за унапредување на нештата.

„Се разбира, воспоставување на функционални системи на контрола, сузбивање на нелегалното градење, ревитализација на колекторскиот систем, се големи зафати. Потребни се големи финансии и напор, но поддршката е возможна доколку се демонстрира вистинска посветеност и знаење“, велат од граѓанската организација.

Општината, пак, потенцира дека е сериозно посветена на успешноста на целокупниот процес за исполнување на препораките, со цел Охрид да го зачува статусот на град заштитен под УНЕСКО.

Властите до 1 февруари 2020 година треба да поднесат извештај за сработеното, кој ќе се разгледува на 44-тата сесија на Комитетот за светско наследство во 2020 година. Врз основа на сработеното ќе се одлучува дали Охрид, градот под заштита на УНЕСКО ќе биде ставен листата на загрозени светски наследства.

М.К.