Уште еден нов рок доби покриениот пливачки базен во Охрид кој се гради веќе 8 години

Последната најава за изградбата на покриениот пливачки базен во Охрид беше дека тој ќе биде готов до пролетва годинава. Но, неколку месеци подоцна овој спортски објект најавен пред 12 години сè уште не е готов и со ова влегува во осмата година од изградбата.

Она што може да се забележи на терен е и самата внатрешност на објектот бидејќи конструкција на базенот кој се наоѓа во спортскиот комплекс „Билјанини Извори“ сè уште не е покриена.

Во разговор за Радио МОФ, Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт која е инвеститор на изградбата, сега најави дека покриениот пливачки базен конечно треба да биде завршен за една година отсега, според информациите на изведувачите.

Мојсовски објаснува дека најголемиот проблем во изградбата се случил за време на пандемијата со коронавирусот, кога вели дека бил откажан надзорот на изградбата.

„После имавме проблем со изведувачот, кој за други предмети беше во притвор, кои што не нѐ засегаат нас и на изведувачот за нашата работа, и тука не можевме ништо да направиме. Правниците мои кажаа дека немам основ да го раскинам договорот, со нив да се продолжи и веќе се најде заедничко решение. Тие си најдоа подизведувач кој што ќе ја истера работата“, изјави Мојсовски.

Изведеноста на терен, според директорот на АМС е околу 50%, и Мојсовски истакнува дека моментално приоритет е да се затвори надворешниот дел.

„Веќе изѕидано е за корито, трибини се направени, покриен е долниот дел, само треба, има некои делови каде што не е дозатворено, за да нема влијание од надворешни атмосферски влијанија, за да не ни се наруши градбата. Така да, приоритет сега ќе биде да се дозатвори, и зимно време може внатре да се работи без никаков проблем“, вели Мојсовски.

Радио МОФ пред десеттина дена направи обиколка на местото каде што се гради покриениот пливачки базен, но на терен не забележавме градежни активности.

фото: Радио МОФ

Причината позади ова, според Мојсовски е тоа што работните активности тогаш биле запрени поради изведба на бушотина, која ја спроведува друга фирма. Од неа, како што изјави тој, се очекуваат наодите, за да се испита почвата под базенот во однос на загревање на просториите, но и одржување на температурата на самиот базен.

Најавата за изградба на покриениот пливачки базен во градот од кој произлегле славните пливачи како Атина Бојаџи, Дики Бојаџи, Александар Маленко се спомнува уште во далечната 2011 година, според акционен план подготвен од Агенцијата за млади и спорт. Тој беше предвиден како дел од проектот за изградба на девет пливачки базени, кој требало да започне со градба во средината на 2012 година.

Тендерот за изградба на покриениот пливачки базен беше објавен во јуни 2015 година. Вредноста на инвестицијата изнесува 5 милиони евра, а како инвеститор се јавува АМС. Дополнително, во најавата за изградба се прецизираше дека објектот ќе се простира на површина од 15 илјади квадратни метри, со предвидени трибини и над 500 седишта, а со димензии на базенот од 33 на 22 метри.

Мартин Колоски

Мојсоски: Затворениот пливачки базен во Охрид ќе биде готов напролет