Конкурсот „Изрази се преку медиумите“ трае до крајот на неделата и сите средношколци кои сакаат да добијат стипендија и да студираат новинарство или односи со јавноста или пак сакаат да добијат лап топ, камера или фотоапарат, можат да се пријават до недела.
На конкурсот, средношколците и училиштата можат да учествуваат со видео, фотоприказна или есеј на тема „Можеш да придонесеш! Активирај се и помогни во заедницата.“ Медиумскиот производ треба да прикаже пример или да даде идеја како средношколците можат да помогнат и да придонесат во локалната заедница.
„Преку производите треба да се покаже како се помага на ранливите групи во општеството, за заштита на животната средина, за промовирање на културното наследство и за други активности во кои се вклучени средношколците“, вели Дејан Андонов од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.
Конкурсот е поддржан од Министерството за образование и наука и од етаблирани медиуми и компании, кои ги доделуваат стипендиите за студирање. Повеќе детали за конкурсот може да се најдат на www.vs.edu.mk.