„Уште што друго сум освен што сум канцер на општеството“ – изложба на Дороти Пачкова во Тетово

Од утре, 25 јануари, во Музејот во Тетово ќе биде поставена патувачката изложба насловена „Уште што друго сум освен што сум канцер на општеството“ на уметницата Дороти Пачкова.

„Визијата на проектот е да влијае на културните ставови и да ги трансформира стереотипите. Феминистичката уметност, како овој проект, отвара можности и сфери кои порано не постоеја, посебно отварајќи простор за активистичката уметност и нудејќи можности за разрешување на проблемите со женскиот идентитет, преку интердисциплинарен пристап. Главната цел на овој мал, патувачки проект е да направи “game change” во перцепцијата и самопепрцепцијата на и за жените, посебно за жените сингл мајки. Претендирајќи дека сингл мајката може/е успешна, целејќи да ја извади оваа жена од улогата на жртва, лузерство, неуспех, самосожалување и не давање на шанси за подобар живот на себе и на своите деца“, стои во најавата за изложбата.

Целта е да се поттикнат донесувачите на одлуки за јавните родови политики кои се однесуваат на жените, да излезат од игнорантската позиција и да одговорат според нивните специфични начини на дејствување и живеење, кои им ги наметнуваат семејните околности.

Изложбата вклучува концептуални фотографии, 10 до 15, на жена, во сите различни сценарија кои се дел од нејзиното секојдневие, преку перспектива на самостојното мајчинство.

Изложбата досега беше поставена во Струга, Штип, Охрид и Скопје, а по Тетово ќе биде поставена и во Битола.