Условна казна затвор од три месеци доби лице за вулгарен коментар со омраза под објава на Фејсбук страницата на Здружението на новинари на Македонија.
Според пресудата од Основниот кривичен суд, лицето е виновно по член 394-г од Кривичниот законик и му се утврдува казната затвор, која нема да се изврши доколку не го повтори делото во рок од една година по правосилноста на ова дело.
„ЗНМ за овој коментар на 16.08.2021 година поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пакт па компјутерски систем и за предизвикување на омраза, раздор и нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, соопштуваат од ЗНМ.
Оттаму велат дека во барањето за кривично постапување од ЗНМ се аргументира фактот дека ваквите коментари претставуваат кривично дело, но и дополнително се укажува дека преку евентуалната неказнивост се отвора простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите што може да резултира и со насилство.