Постапувајќи по поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Велес, Основниот суд во Велес донесе првостепена пресуда против негователка во градинка за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по Кривичниот законик.
„Вработената е огласена за виновна бидејќи на децата им давала да пробаат електронска цигара и Судот и изрече условна осуда, како и споредна казна забрана за вршење професија дејност или должност во траење од 5 години по правосилноста на пресудата“, соопшти Обвинителството.
Од таму посочуваат дека надлежниот јавен обвинител поднел жалба на пресудата поради одлуката за кривичната санкција.