Поранешните директори на Тетовската клиничка болница, Флорин Бесими и Артан Етеми добија 18 месеци условна затворска казна поради пожарот во модуларната болница во кој пред две години загинаа 14 лица.
Тие беа осудени бидејќи предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата во критичниот момент. Според пресудата, тие нема да бидат во затвор доколку во период од три години не сторат ново кривично дело.
Докторот Бобан Вучевски, кој беше обвинет за непостапување според здравствени прописи во време на пандемија, на денешното изрекување на пресудата беше ослободен од вина. Неговите роднини, пријатели и познаници и денеска, како и во текот на целиот судски процес организираа протести пред Тетовскиот суд тврдејќи дека тој нема никаква вина во избувнувањето на пожарот.
Осудена беше и Клиничката болница во Тетово, како правно лице, за загрозување на општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Болницата треба да плати казна од милион денари.
Пожарот во модуларната Ковид болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 година и во него загинаа 12 пациенти и двајца членови на нивни семејства. Снимките од безбедносните камери покажаа дека пожарот брзо се проширил и го зафатил целиот објект за само неколку минути. Во истрагата учествуваа и вештаци од Германија и беше утврдено дека причина за пожарот бил спој на продолжен кабел.
За да одговорат на напливот на пациенти во текот на пандемијата со Ковид-19, во земјава беа поставени 19 модуларни болници, кои Северна Македонија ја чинеа речиси четири милиони евра.