Повеќе од 30 отсто од студентите досега се соочиле со условувања од страна на нивните професори да купат книги и учебници за да добијат потпис за редовност или можност за полагање на испит, покажува анкетата на „Мета.мк“, спроведена од Инстаграм профилот „Студентарија“.
Онлајн анкетата била спроведена во периодот 29 до 30 јуни, годинава, а на неа одговориле над 6.100 студенти.
Најголем дел од нив, 67,8 отсто, студираат на УКИМ, 13,9 отсто на УГД, 10 отсто на УКЛО, а 8,3 отсто на останатите државни или приватни универзитети.
Од „Мета“ потенцираат дека случајот со професорката на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, која студентите ја обвиниле дека им барала задолжително да ја купат нејзината книга лично од неа за да им ја заведе редовноста, го отворило прашањето дали и колку ваквите случаи се присутни во академската заедница.
Резултатите од анкетата покажуваат дека, иако најголем дел од универзитетските професори дозволуваат користење на скрипти и копирани учебници како материјали за предметите што ги предаваат, неретки се појавите кога студентите немаат избор и мораат да ги купуваат оригиналните авторски учебници на своите професори.
Најголем дел од студентите, односно 75 отсто, на анкетата одговориле дека професорите најчесто им дозволуваат користење на скрипти и копирани учебници.
Над 12 отсто од студентите рекле дека од нив најчесто се бара секоја година од книжари да купуваат нови учебници, а 2,7 отсто одговориле дека професорите најчесто бараат да купуваат нови учебници лично од нив преку плаќање кеш на рака.
Речиси една третина од студентите, 31,3 отсто рекле дека досега професор на факултет им побарал задолжително купување на книга како услов за добивање потпис за редовност или можност за полагање на колоквиум, односно испит. Со ваква ситуација досега не се соочиле 66 отсто од студентите
Над 10 отсто од студентите одговориле дека досега имале случки во кои професор им побарал задолжително купување на книга или учебник лично од него, преку плаќање на кеш на рака на професорот.
Поголем дел, 87,8 проценти, пак, велат дека не сретнале ваква ситуација за време на нивното студирање.