Позитивна атмосфера, голем број посетители и одлични дела ја одбележаа и оваа, 17-та по ред, изложба на учениците од меѓународна матура од скопската гимназија „Јосип Броз Тито”. Во просторот на мултимедијалниот центар Мала станица беа претставени најдобрите дела изработени по предметот Визуелни уметности од страна на 19 ученици, а работени со најразлични материјали, техники и теми.
Како што појасни за време на отворањето на настанот професорката по ликовни уметности Ангелина Дамјаноска-Наумовска, изложбата е дел од нивниот испит.
„Учениците се потрудија да го дадат она што најмногу можеа да го дадат. Тоа се деца кои што нема да станат професионални уметници, но поради тоа е и интересно. Тие никогаш не помислиле да прават некаква изложба и да се појавуваат баш како автори. Тоа е она што е највредно од оваа изложба. Интересно е да се потикне некој нешто да сработи, да се извлече нешто од нив, а секој го може тоа, ” изјави Дамјаноска-Наумовска.
Учениците кои ги изложија своите дела беа најмногу возбудени. Темите и инспирацијата велат дека ги пронаоѓаат во секојдневниот живот.
„Најголем дел од моите дела изложени овде се поврзани со танцот-мојата пасија. Другите дела се поврзани со моите омилени градови, други со убавината на девојката и нејзиното тело и сите комплекси кои ги тераат младите девојки да не си го сакаат телото”, вели за Радио МОФ ученичката Моника Стојаноска.
„Инспирација… некоја посебна немав, искрено првичната идеја за да ја уфрлам коцката како дел од изложбата ми беше песната од „Саф“ -Сафра која почнува со стихот “животот е коцка”. Со уметност, реално и не очекувам да имам некој голем контакт, од причина што сум позаинтересиран за економски и политички теми, иако мислам дека ќе дојде период кога ќе ми фалат тие часови поминати во ателје“, забележува Глигор Мицајков, исто така ученик од Меѓународна матура.
Токму нивните врсници, средношколците во голем број дојдоа на отворањето на изложбата во Мала станица. Како што најавија организаторите, настанот годинава беше отворен два дена, а сите заинтересирани беа поканети да дојдат и да видат како творат учениците.
Тина Миновска