УСС-УКИМ апелира да се подобри безбедноста во студентските домови и објектите на УКИМ

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ) упатува апел до ДСД „Томе Стефаноски – Сениќ“, ДСД Скопје, ДСД Пелагонија, како и до сите единици на УКИМ, за да се преземат итни активности со цел да се унапреди безбедноста во студентските домови и универзитетските објекти.

Како мерки, од УСС-УКИМ апелираат вонредна проверка и одржување на противпожарните апарати и хидрантските системи.

„Редовно проверување и одржување на овие системи за да се осигура безбедноста на студентите и вработените во случај на пожар или друга несреќа“, соопштуваат од таму.

Понатаму, апелираат да се организираат симулации за евакуација на студентите – најмалку еднаш во текот на академската година, со цел студентите да бидат подготвени и да се зголеми нивната свест за евакуациските процедури и безбедноста.

„Апелот се упатува до сите надлежни тела во рамките на УКИМ и сите студентски домови, со цел да се обезбедат подобри услови за студентите и да се подигне свеста за важноста на безбедноста во сите аспекти на нивниот академски живот“, велат од УСС-УКИМ.

Според УСС-УКИМ, со имплементирање на овие активности, се очекува да се зголеми безбедноста на студентите, да се подобри нивната подготовка за евентуални опасности и да се осигура поголема сигурност во студентските домови , објектите на универзитетот и факултетите.