Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје во изминатите денови испратило сеопфатни барања за подобрување на студентскиот стандард до Министерството за образование и наука (МОН).
УСС бара од МОН измена на Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно – истражувачките кадри.
„Целта е да се овозможи и студентите што се на интегрирани студии од 3+2 години да имаат право да аплицираат за стипендии во втор циклус на студии. Со сегашниот правилник право на стипендирање имаат само студентите што завршиле четири години на додипломски студии“, посочуваат тие.
Исто така, студентите бараат и усвојување на Закон за младински стандард. Поточно, да се поднесе предлог иницијатива за усвојување на веќе планираниот Закон за младински стандард, особено за делот на студентското и средношколско сместување и потребата од подобрување на условите во истите, за помош на сите млади лица во нашата земја.
Дополнително, од УСС бараат и продолжување на рокот за аплицирање на повикот за субвенциониран студентски оброк.
„Оваа промена би била за студентите бруцоши да можат да го користат правото од 1 октомври, а со сегашното правило имаат право да конкурираат еден месец подоцна“, потенцираат оттаму.