Универзитетското студентско собрание (УСС) УКИМ ќе бара конфискуваното седиште на партијата ВМРО-ДПМНЕ, т.н. „Бела палата“ да биде пренаменета во студентски дом.
Според УСС УКИМ на студентите им припаѓа луксузот во кој, како што велат, политичарите досега незаслужено уживаа.
„Ова е шансата сите заложби дека на младите е иднината и дека државата се грижи за нас да се докажат како реалност! Ова е шанса да се исправи погрешното трошење на парите. Не ни требаат вашите кристални лустери и позлатени слики, ни требаат тоалети со врата која се затвора, тавани без мувла и ѕидови со изолација!“, соопшти УСС УКИМ.
Оваа идеја одамна ја дискутирале во нивните кругови и чекале конечно да се донесе судската одлука.
„Ова е шанса ние да создадеме нешто, ќе бараме и поддршка за реуредување на просторот по наш вкус, по идеја на студентите. Нѐ радува што гледаме дека и други ја споделуваат истата идеја и се надеваме дека ќе ја земеме шансата да се обединиме како млади, и да го земеме она што ни припаѓа“, се вели во соопштението на УСС УКИМ.
Инаку, денеска беше објавено дека за случајот „Талир 2“ за виновни се прогласени поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата и на тогашната Влада Кирил Божиновски, за незаконската изградба на „Белата палата“ во центарот на Скопје. Основниот кривичен суд Скопје го осуди Груевски на затворска казна од шест години, додека Божиновски доби условна казна од 2 години затвор која нема да се изврши ако не стори ново кривично дело во наредните пет години.
Покрај зградата на партијата во централно Скопје, судот конфискуваше и 30-тина партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ низ целата земја, кои според судот биле купени со финансиите што му ги извлекле на фирмата „Бетон“.