Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС) преку нивната Фејсбук страница денеска го осуди одземањето на можност на студентите од самохрани и еднородителски семејства за плаќање пониска партиципација.
Ваквата реакција следува откако од организацијата „One Can – Youth“ вчера реагираа дека студентите од овие групи не можат да си ги остварат своите права бидејќи при пријава на дел од факултетите во земјата се целосно изоставени како група.
„УСС-УКИМ најостро ги критикува новините на државните факултети според кои студентите од самохрани и еднородителски семејства се изоставени и дискримирани според Правилникот за начинот на проверка на основните критериуми и запишување во квоти на студентите чие родителско право го врши само еден родител, како и посебните критериуми за остварување на ова право“, велат од студентското претставничко тело.
Истовремено, тие посочија дека веднаш реагирале до надлежните органи на УКИМ, додавајќи дека до крајот на денот ќе известат за повратниот одговор на надлежните.
„Не се согласуваме со ништо помалку од она што до сега го имаа студентите од еднородителски семејства. Недозволиво е да им биде одземено правото на плаќање пониска партиципација на факултетите“, децидни се тие.
Организацијата „One Can – Youth“ вчера забележа дека на дел од факултетите за време на уписот, во делот наменет за специјални околности недостасува називот „кандидат чие родителско право го врши само еден родител“, а со ова, според нив се губи правото на плаќање пониска партиципација на факултетите.