Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) упати отворено писмо до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и Јавното сообраќајно претпријатие во кое поставува ултиматум за нормализирање на јавниот превоз во Скопје до крајот на денешниот ден (21 ноември). Во спротивно, ќе се приклучат на протестот најавен за петок (22 ноември).
„По спроведената анкета на која одговорија над 3150 студенти, 84% од нив во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65,9% од нив, чекаат автобус над 20 минути. Дополнително, 93,4% од студентите не се задоволни од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 65,9% од истите воопшто не се задоволни од истиот“, велат од УСС УКИМ.
Оттаму напоменуваат дека периодов е колоквиумска недела и се одржуваат редовни предавања на УКИМ, а нередовните линии, неисправните автобуси и долгото чекање на постојките го нарушуваат студентскиот стандард.
„Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје и градоначалник на град Скопје г-ѓа Данела Арсовска до крајот на утрешниот ден 21.11.2024 да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студентскиот стандард. Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира
сообраќајниот режим, како легитимно тело кое претставува над 28.000 студенти при УКИМ, УСС
ќе се приклучи масовно на организираниот протест во петок 22.11.2024 со цел изразување на огромното незадоволството од менаџирањето на Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје- Скопје“, се вели во дописот од УСС УКИМ.
Дополнително, УСС апелира за воспоставување на нови и ефикасни транспортни решенија и отпочнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени од страна на градоначалничката и нејзиниот тим во предизборната програма, но и, како што се додава, од страна на претходните градоначалници.
Конкретно, барањата се следните: Продолжување и финализирање на проектот за Bus Rapid Transit, воведување на градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, Отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти (Јужен Булевар, бул. Хрватска, бул. Србија, мостот кај Хотел Русија, продолжување на бул. Климент Охридски преку Вардар, под Кале до бул. Никола Карев, продолжување на бул. Илинден, Источна обиколница), мабавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови на транспорт.
Градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш претходно неделава најави протест за состојбата со јавниот превоз кој треба да се одржи утре, петок (22 ноември) во 13:30 часот пред Град Скопје.
„Секој ден се соочуваме со овој проблем со саати се чека по автобуските станици. Нема да дозволиме на ова ладно на овие минусни температури нашите деца, жени, стари да чекаат по 2-3 саати на автобуска станица и тоа да биде како лотарија дали ќе дојде или нема да дојде. Најавуваме мировен протест кој ќе се одржи во петок од 13:30 часот пред просториите на Град Скопје“, изјави Дудуш.
Тој притоа ги повика сите граѓани да се приклучат на овој протест без разлика на која националност припаѓаат зошто според него ова не е проблем само на граѓаните на Шуто Оризари туку ова е проблем што ги засега сите граѓани на град Скопје.