Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ) објави неколку конкурси во областа на културата и спортот наменети за студентите на овој универзитет.
Во продолжение ги проследуваме информациите за конкурсите и начинот на пријавување.
Еден од конкурсите кои ги објави УСС УКИМ е за промоција на студентски краткометражни филмови.
„Каде младите кои изработуваат краткометражни филмови имаат прилика да ги презентираат своите дела? Ние немаме слушнато, или можеби постои, но сепак не е добро пласирано помеѓу публиката“, се вели во најавата.
Заинтересираните своите продукти може да ги испратат на е-адресата: studentsko.sobranie@ukim.edu.mk, најдоцна до 15 април 2023 година.
УСС УКИМ во соработка со Платформата за дизајн и уметност Скала магазин објавуваат конкурс на тема: „Јас, студент на УКИМ?“ во три различни области: фотографија, уметничко дело и новинарски текст.
„Што значи да си дел од УКИМ, како го доживуваш и кои се твоите спомени? Или можеби нешто друго е во прашање? Хммм, оставаме на тебе. Како главна награда во областа на фотографијата е бесплатен курс во Џолев академија. Како главна награда во областа на уметничкото дело е награда во висина од 9000 денари и изложба во галеријата на ФЛУ. Како главна награда во областа на најдобар новинарски текст е награда во висина од 9000 денари и објава во безброј сајтови“, пишува во најавата.
Крајниот рок за испраќање на делата е до 10.03.2023 година на мејлот studentsko.sobranie@ukim.edu.mk со наслов – „Јас, студент на УКИМ?“
Универзитетското собрание најави и организирање на студентски олимписки игри, каде во текот на еден викенд ќе бидат организирани натпревари мал фудбал, одбојка на плажа и баскет 3 на 3.
„Бројот на места е ограничен, иии секако со спорт секогаш оди и добра забава, би редиии. Пријавите се испраќаат на studentsko.sobranie@ukim.edu.mk со назнака – спорт. Пријавувањето на екипите започнува денес, а трае се до 10 април“, велат оттаму.
Студентското собрание најавува и „Argo и Handmade bazar“ што ќе се одржи оваа пролет.
„Вкусете ги сите домашни јадења (мед, слатки итн) обработени од студентите како и рачните изработки кои се уникатни на свој начин. Пријавувањето трае до 15.03.2023, а вашите пријави испратете ги на studentsko.sobranie@ukim.edu.mk со назнака – базар“, информираат од студентското собрание.
Последен конкурс засега објавен е „Мајстори во своето поле“ на кој може да се пријават сите заинтересирани за натпреварување во шах, јамб, рубикова коцка и брза географија. За учество на овој натпревар потребно е да се испратат информации за учесникот најдоцна до 15 март годинава.