УСС-УКИМ: Отворени сме за дискусија со сите студентски организации за предизвиците што треба да се поправат

„Секогаш работиме на интересот на студентите. Воедно чекаме какви барања ќе произлезат од сите останати студентски здруженија и организации. Отворени сме за дискусија, размислуваме моментално за отворена трибина каде ќе ги повикаме сите страни, за да дискутираме на одредени предизвици што треба да се поправат. Секако, тука сме во добри времиња, но и во моменти на вакви трагедии (како во Кочани), со цел заедно да менуваме работи во системот“, рече денеска претседателот на УСС-УКИМ Александар Николовски, кој беше прашан од новинар да ги коментира студентските случувања во изминатиов период, кога во јавниот фокус влегоа и активностите на Студентски пленум и Независен студентски сојуз.

Николовски потенцираше дека УСС-УКИМ спровело анкета до сите студенти, која се нарекува „Студентски иницијативи за општествени промени“, па преку неа ќе се направи еден вид документ.

„Наспроти оној што ние го имаме издадено ‘Студентски манифест’, тој ќе биде ‘Општествен манифест’, со барање до институции за одредени промени, согласно трагедијата во Кочани. Исто така, во никој случај не одиме против вакви здруженија, затоа што тоа се студенти, а ние како легитимно избрани тела, универзитетски и факултетски, сме тука за да дискутираме и решаваме заедно проблеми“, нагласи Николовски.

Во однос на новинарското прашање дали политиката треба да се вмешува во студентското здружување, тој одговори „партијата не треба да се вмешува, бидејќи политика и партија е различно“.

„Нашиот став е дека партиски членови не треба да бидат на раководни функциии на студентското организирање, зашто тогаш доаѓа до конфликт на интереси. Се трудиме, работиме и соработуваме со сите политички партии и ќе продолжиме да соработуваме. Никако не се тргаме од тој момент, но сметаме дека раководството на студентските организации не треба да биде под надлежност на партиски членови“, рече претседателот на УСС-УКИМ.

Николовски денеска упати и апел до пратениците од законодавниот дом да ги поддржат законските измени за субвенциониран студентски оброк.

Како што објасни тој, на иницијатива на УСС-УКИМ, преку Националното студентско тело, се изгласало и донело одлука да се прошири опсегот за тоа кој ќе може да биде корисник на оваа мерка.

„Со оваа измена, се тргнуваат оние услови за студентите да се во редовен работен однос, или да се регистрирани како индивидуални земјотелци. Сега овие студенти ќе можат да аплицираат за мерката и дополнително студентите на втор циклус студии, на интегрирани студии – ќе добијат можност за субвенциониран студентски оброк. УСС-УКИМ испраќа апел до пратениците до сите политички субјекти да гласаат за овие измени, со цел да се подигне студентскиот стандард за нови 4.000 студенти“, рече тој.

На прашањето за висината на студентскиот оброк, Николовски рече дека лани тој бил зголемен за 20 денари, од 120 на 140 денари, со што зголемувањето ја надминало тогашната инфлација. Сега сакале прво да се прошири опсегот, а од наредната академска година повторно да биде зголемена и сумата, за сите корисници.

„Но, УСС-УКИМ организира акција, преку Комисијата за студентски стандард, за студентски попусти во локалите низ градот. Имаме околу 30-ина локали кои нудат оброк во висина од 140 денари, или пак попусти на нивните оброци. Значи, не е субвенционирана сума, туку целосно покривање на оброкот, со што целосно ја задоволува сумата. Па, сметавме дека ако за 140 денари сите можат некаде да купат оброк, подобро е сега да го зголемиме опсегот, а потоа да расте и сумата“, нагласи Николовски.

Дополнително, лани ја промениле и мерката да биде на неделно ниво, што според него се дава флексибилност на студентите кога пазарат  маркети.

„Да биде тоа еднаш, или два-три пати неделно, се’ со цел да спремат продукти за повеќе оброци“, рече Николовски.

Министерката Весна Јаневска на 15 март најави дека преку новиот Закон за студентски стандард ќе се прошири опсегот за субвенциониран студентски оброк. Николовски потврдува дека се во координација со министерката, но, вели тој, сега е само измената на Законот за субвенциониран оброк.

„Кога ќе се менува Законот за студентски стандард, што веќе е во процедура – тогаш и Законот за субвенциониран оброк ќе влезе во самиот студентски стандард. Како УСС-УКИМ сметаме дека треба да биде решено преку еден закон (интегриран), а не повеќе. Дополнително, имаме предложено и одредени поволности за студентски превоз, бидејќи превозот никаде не е уреден со закон, па ние како УСС поднесовме таква иницијатива“, рече тој.

Бојан Шашевски