УСС-УКИМ се сретна со Арсовска, апелира Владата и МОН да донесат одлука за продолжување на бесплатниот превоз на студентите

Универзитетското студентско собрание при УКИМ оствари средба со Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за тековниот проблем поврзан со можноста за укинување на бесплатниот превоз за студентите во градот.

„За да продолжи бесплатниот превоз за студентите, потребно е Владата на Република Северна Македонија да донесе поединечна одлука со висината на средства што ќе се релоцираат за таа цел. Со оваа мерка ќе го задолжи Министерството за образование и наука да префрли средства за бесплатен превоз за студентите предвидени на конто за студентски стандард согласно Буџетот за 2025 година“, информираат од УСС-УКИМ.

Универзитетското студентско собрание испраќа јавен апел до Владата и МОН, да ја донесат потребната одлука на седницата на Влада на 24 декември, со цел ЈСП Скопје да може да го продолжи бесплатниот превоз за студентите во 2025 година.

„Универзитетското студентско собрание останува во борбата за заштита и подобрување на студентскиот стандард“, посочуваат оттаму.