Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје смета дека воведувањето на дополнителни трошоци за материјални и онлајн ресурси не треба да бидат на товар на студентите и ќе побара итен состанок со министерката за образование и наука Весна Јаневска за, како што велат, во најбрз можен рок дополнителните трошоци да бидат надоместени од Буџетот на државата, како што е предвидено согласно Законот.
„Според член 123, став 5 од Законот за високо образование: (5) Тековните трошоци (комунални трошоци, одржување, опрема и потрошен материјал за реализација на студиските програми и за работењето на високообразовната установа) на јавните високообразовни установи во целост се надоместуваат од Буџетот на Република Македонија“, наведуваат од УСС.
Состанокот за дополнителните трошоци за студирање на УКИМ го одржале раководството на УСС и студентската правобранителка со претседателите на факултетските студентски собранија на Медицински, Филозофски, Филолошки, Економски, Правен, Природно-математички, Машински, Архитектонски и Градежен, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Факултет за ветеринарна медицина, Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, како и замениците-студентски правобранители од Економскиот, Правниот и Градежниот факултет.