Уставниот суд информира дека на состанок одржан на 4 септември го задолжил генералниот секретар да се обрати до Министерството за образование (МОН), Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за бесплатниот превоз на средношколците од приватните средни – прашање за кое Уставниот суд лани во декември одлучи дека нееднакво ги третира учениците од јавните и учениците од приватните средни школи.
Одлуката на Уставниот суд гласи дека учениците во приватните средни училишта и средношколците кои живеат на растојание помало од 2.5 километри имаат право на бесплатен јавен превоз. Судот оцени дека во Законот за средно образование во членот 41-а за превоз на средношколци пишува учениците од „јавно“ средно училиште – со што се постигнува нееднаков третман кон средношколците од приватните средни училишта, а нееднаквиот третман е спротивен нa Уставот кој го гарантира правото на еднакви услови за образование.
За ова реагираше и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во мислењето што го достави до Собранието, а кое се однесуваше на предлог Законот за средно образование чиј текст беше утврден во јануари годинава.
Во меѓувреме со смената на составот на Владата, денес од МОН информираа дека е објавен нов предлог текст за Законот за средно образование. Оттаму информираа дека јавноста може да учествува со предлози за измени до крајот на септември 2024 година.
Делот за правото на превоз од член 41 е преместен во член 70 во кој не е отстранет зборот „јавно“ средно училиште. Што значи, целиот член се однесува на средношколците кои учат во јавните средни. Во новиот предлог текст исто така, не е избришан делот дека ученикот има право на бесплатен јавен превоз ако живее на оддалеченост најмалку 2,5 километри од средното училиште во кое учи.
Од Уставниот суд денес информираат дека според новиот Акт кој се применува од септември годинава, по службена должност го следат извршувањето на своите одлуки и според тоа можат од секого да побараат податоци и информации во врска со преземените мерки со цел извршување на одлуката.
„Обврската за извршување на одлуките на Уставниот суд почнува да тече од денот на нивното објавување во ‘Службен весник’ и одлуките на Уставниот суд се извршуваат без одлагање, на што упатува член 85 од Актот. Дополнително, согласно член 90 од Актот, Уставниот суд, има можност по потреба, да побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето на одлуката“, велат оттаму.
Дополнително, Судот потсетува дека членот 91 овозможува врз основа нa претходно добиени податоци и известувања, да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот.
Уставниот суд одлуката ја донесе по иницијатива поднесена од Сојузот на средношколци. Иако таа беше донесена на 5 декември 2023 година, учениците од приватните средни и тековнава учебна година ја започнаа без картички за бесплатно возење со автобусите на ЈСП. Радио МОФ во неколку наврати пишуваше на оваа тема, а до денес и Град Скопје и Министерството за образование и наука се прогласија за ненадлежни за да обезбедат средства за овие средношколци.
Ангела Бошкоска