Уставен суд пак го укина мораториумот во Центар, советничката Белчева предлага суспензија на плановите според Законот за урбанизам

Уставниот суд на денешната седница повторно, по втор пат, донесе времена мерка за укинување на мораторимумот за градба во Општина Центар, по иницијатива за неговата уставност на двајца граѓани од Охрид. Оваа одлука ќе биде на сила додека Уставен суд одлучи дали мораториумот е донесен согласно Уставот.

Ова значи, сега веќе не важи забраната за градба и важат старите планови, а инвеститорите може да бараат дозвола за градба.

Активистката и советничка од Општина Центар, Јана Белчева Андреевска, реагира дека многу пати од декември 2017 зборувала зошто мора да се запрат со извршување лоши и незаконски ДУП-ови и каква штета ќе направат по нашиот живот во градот.

Многумина, вели таа, разбраа и дадоа поддршка на оваа одлука на Центар.

„Само Уставниот суд не препозна како се нарушуваат основните и уставно загарантираните права на граѓаните и со едно гласање за 5 минути дозволи да се применува незаконитото и штетното. Зборувајте ми за правна држава, за заложби за чист воздух, за одржлив развој, за јавен интерес, за безбедност, за спокоен и хуман живот“, реагира Белчева.

Што понатаму, за да не очајуваме, прашува таа.

„Јавно предлагам, а веќе припремам предлог за суспензија на плановите според новиот Закон за урбанизам. Поддршката пак ќе ја барам од прогресивните и оние кои овој град и оваа земја ја чувствуваат за своја и сакаат да ја сочуваат за нивните деца. Дали толку често мора да се поразени токму оние кои се борат за јавен интерес?“, прашува Белчева.

Извор: porta3

Општина Центар денеска рекоа дека по поднесената иницијатива до Уставниот суд, дале навремен и соодветен одговор со кој ја оспориле истата како неоснована.

„Цениме дека деталните урбанистички планови мора да бидат усогласени со генералниот урбанистички план како план од повисок ранг“, рекоа од Центар.

Одлуката што Општина Центар ја има донесено на 27 март 2019, велат општинарите, не е во спротивност на важечките прописи и истата има за цел да го заштити јавниот интерес кој е примарен за сите жители, а е загарантирано согласно Уставот.

„Просторното и урбанистичко планирање е еден долготраен и плански процес кој опфаќа низа дејствија кои сами по себе си се надополнуваат и си противречат во смисла на размена на идеи и плански реализации. Тоа има за цел да обезбеди и заштити сè она што претставува хуман и нормален човечки развој на одреден простор, почитувајќи го јавниот интерес како примарен“, соопштува Центар.

Оттука, дополнуваат тие, хиерархијата на планските документи при носењето на урбанистичките планови мора да биде запазена бидејќи таа е суштинска при оправданоста во постапката на донесување на пониските акти кои произлегуваат од повисоките.

„Општина Центар останува доследна и посветена при спроведувањето и реализацијата на деталните урбанистички планови во интерес на граѓаните и општината“, стои во соопштението на Центар.

Б.Ш.