Хомофобичноста во Македонија е дел од регионалниот менталитет и традиционалните сфаќања, се согласуваат експертската и политичка јавност. Невладините организации покажуваат со прст кон владејачката партија поради предлогот бракот помеѓу маж и жена да стане уставна категорија. ЛГБТ заедницата во земја со демохристијанско владеење беше тема на четвртата радио – дебата на Диверзити Медиа од серијалот „Дебатирањето менува“.
Македонското општество никако да избега од имиџот на хомофобично. Организирање на парада на гордоста не е единствениот проблем со кој се соочува ЛГБТ заедницата.
„Имаме луѓе кои се во тешки депресии. Имаме случаи кога луѓе си сечат делови од телото зашто не можат да го надминат тоа што се случува. “ вели активистот Беким Леке Асани.Тврди дека тоа го чувствува и на своја кожа и додава:
„По настаните од неделата на гордоста, не можам слободно да се шетам, не можам да одам во мојот град, не можам слободно да ги гледам моите родители токму поради тој голем степен на пораз на хомофобијата директно од медиумите. Мислам дека треба да се бунтуваме. И зошто да не, наредната година да се организира геј парада“
Но, повеќето од граѓаните кои ги прашавме се противат.
„Тоа го уништува семејството. Уште една причина. Мислам дека тоа природно треба да дојде од самото општетство, а не да биде наметнато однадвор“. „Не би ја ни поддржал ,а не би ја ни одобрил“. „Немам ништо против, ама не сум ни за тоа“.„Можеби“. „Никако. Зашто тоа не е во согласност со бракот, со традициите“.
„Власта не ѝ овозможува на ЛГБТ заедницата да ги ужива правата бидејќи ние се уште сме едно традиционално општество и се водиме според некои стари принципи“. „Не. Оваа власт е конзервативно настроена и мислам дека не ги поддржува и не треба да ги поддржува“.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна во Собранието предложи бракот меѓу маж и жена да влезе во Уставот. Ова се чини дополнително ја загреа атмосферата и испровоцира дебата меѓу пратениците во која се исмејуваа припадниците на геј заедницата.
Предлогот на крајот не доби поддршка ни од албанскиот коалициски партнер во власта – ДУИ. Пратеничката Ермира Мехмети објаснува: „Како припадник на една етничка заедница којашто ги чувствувала тие хендикепи или слабости на Уставот, не можам да се согласам дека правото на избор треба на тој начин да биде ограничено со документ којшто всушност треба да ги гарантира слободите на избор“.
Невладиниот сектор предлогот го сфаќа како непотребно отворање дебата. Ирена Цветковиќ, активист за права на ЛГБТ заедницата смета: „Во Собрание кое што не зборува за реалните и горливи проблеми со кои што се соочува заедница наеднаш сите имаат став во однос на бракот. Иако притоа досега ниту самата заедница, ниту која било организација има побарано такво нешто“.
Беким Асани појаснува: „Досега не сме побарале истополови бракови. Тоа е само користење за добивање политички поени и за ширење на хомофобијата. Ништо друго“.
ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во дебатата на Диверзити Медиа за да одговори на овие прозивки. Нејзините политички противници имаат сугестија како да се релаксира јавното мислење по однос на прашањето за ЛГБТ заедницата.
„Државата да не ја презема таа хомофобичност туку да се обиде, пред сè, преку образование, да ја избие хомофобијата во општеството“, смета Ана Павловска Данева, пратеник во Собранието на Република Македонија.
Од Комисијата за заштита од дискриминација велат дека добиваат претставки за нарушување на правата на хомосексуалците и редовно реагираат според надлежостите.
Но, нејзиниот претседател Душко Миновски е и критичен: „Сите ние, секој од нас мора да има прво лична промена кај себе за да може воопшто да работи со каков било вид на популација. Тука сме премногу лицемерни и да не речам имаме двоен, троен морал“.
Генерално, според него, од осамостојувањето до денес има поместувања во македонското општество.
„Нормално дека има демократизација на односите. Особено девојчињата кои до вчера, условно кажано, можеби не примале такво воспитување, но, сега Фејсбук, Интернетот си го прават своето, така што не мора специјално родителите да ги едуцираат децата, тие примаат и други сознанија“, кажа Миновски.
Сепак, тој вели дека семејството е клучен за развој на свеста. Цветковиќ не се согласува.
„Не можете само да оставите на семејството. Државата мора да има одговорност. Какво да биде македонското семејство ако секој човек овде добива во образовниот систем исти такви реторики, во медиумите, во јавниот говор?!“
Еден дневен весник, во февруари годинава, на насловната страница праша има ли хомосексуалци меѓу новинарите? Обидот да се организира недела на гордоста заврши со искршена канцеларија на ЛГБТ заедницата во Старата скопска чаршија.
Актерот Петар Стојковиќ беше под постојани закани за линч откако јавно ја кажа својата сексуална ориентација. Ова се само некои примери како илустрација за нетолеранцијата кон луѓето исти, а поинакви од мнозинството. Како симболика за затвореноста на општеството нека послужи и веб – страницата на ЛГБТ Македонија. Може да пристапат само оние кои на некој начин добиле корисничко име и лозинка.
Слушнете ја целата дебата, емитувана во живо на Радио МОФ на 1 октомври: