Уставниот суд времено го суспендираше Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој Советот на Општина Карпош го изгласа лани и покрај бројните критики од граѓанските активисти.
Од Уставниот суд велат дека на денешната седница одлучиле да поведат постапка бидејќи се сомневаат во уставноста и законитоста на ДУП-от со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост“ на дел од сообраќајната инфраструктура.
„Уставниот суд во оваа фаза оцени дека тој ДУП не е во согласност со ГУП на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото. Дополнително, на денешната седница е одлучено да се запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука, или воведена е т.н. времена мерка која се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука“, соопштија од Уставниот суд.
Со 16 гласа „за“ во март минатата година советниците од Карпош го усвоија ДУП-от за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој група активисти остро го критикуваа. За ДУП-от гласаа советници и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и од ГРОМ, додека на седницата не присуствуваа советниците од Левица и Независни за Карпош.
Од Општината тврдеа дека просторот ќе биде наменет за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, спортска инфраструктура, како и бензински пумпи.
Претставници на движењето Независни за Карпош тогаш остро реагираа на процедурата во која се носеше ДУП-от, потенцирајќи дека бензинска пумпа на тоа место, во заштитна зона на бунарски ситем и во близина на гасоводна траса, не смее да има.
„Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал, а чувството е дека утре ќе се случи токму тоа“, рекоа тогаш од движењето во нивната реакција.
Општина Карпош го усвои ДУП-от за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“