Уставниот суд го укина контроверзниот ДУП за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“

Уставниот суд го укина Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој Советот на Општина Карпош го изгласа лани и покрај бројните критики од граѓанските активисти.

Од Уставниот суд велат дека оцениле дека со оваа одлука на Општина Карпош се повредувало начелото на владеење на правото, унапредување и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, предвидени во Уставот. Исто така во нивната одлука тие велат дека е направена повреда на Законот, бидејќи донесениот ДУП не бил во согласност со Генералниот урбанистички план (ГУП).

„Од утврдената фактичка состојба и обемната документација која се анализираше, Судот утврди дека  ДУП-от е неусогласен со ГУП-от бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти. Поконкретно просторот каде се планира изградбата на бензинска пума е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура“, стои во соопштението на Уставниот суд.

Пред речиси три месеци Уставниот суд го суспендираше овој ДУП.

Со 16 гласа „за“ во март минатата година советниците од Карпош го усвоија ДУП-от за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој група активисти остро го критикуваа. За ДУП-от гласаа советници и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и од ГРОМ, додека на седницата не присуствуваа советниците од Левица и Независни за Карпош.

Од Општината тврдеа дека просторот ќе биде наменет за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, спортска инфраструктура, како и бензински пумпи.

Претставници на движењето Независни за Карпош тогаш остро реагираа на процедурата во која се носеше ДУП-от, потенцирајќи дека бензинска пумпа на тоа место, во заштитна зона на бунарски ситем и во близина на гасоводна траса, не смее да има.

„Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал, а чувството е дека утре ќе се случи токму тоа“, рекоа тогаш од движењето во нивната реакција.

Општина Карпош го усвои ДУП-от за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“