Меморандум за соработка денеска ќе биде потпишан помеѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први” Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Потпишувањето на овој Меморандум е првиот чекор кон реализирање на еден од врвните приоритети на претседателот Костадиновски, кој при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката“, велат од Судот.
Меморандумот ќе го потпишат Дарко Костадиновски, претседателот на Судот и Сашо Георгиевски, деканот на факултетот.
„По потпишување на Меморандумот се очекува поголема присутност на професори особено од областа на уставното право во секојдневните активности, согласно надлежностите на Судот, како и воспоставување на програми и проекти, работилници и конференции на кои ќе се разменуваат ставови и мислења на важни теми од значење за уставното судство, кои ќе донесат бенефит за двете страни-потписнички“, посочуваат од Уставниот суд.
Оттаму информираат дека на потпишувањето на Меморандумот претходела работна средба минатата недела во Уставниот суд на која се дискутирало за можностите за унапредување на соработката помеѓу двете институции.