Уставниот суд ќе поведе постапка за членот 41-а од Законот за средно образование во делови за бесплатниот превоз што во моментов како право го имаат само средношколците од јавните училишта.
Судот ќе ја оценува уставноста на ставот 3 од овој член, во делот „јавно“, во кој стои дека ако во општината каде живее ученикот при запишување во прва година се пополнети сите места, тој има право на бесплатен превоз ако се запише во јавно училиште во друга општина.
Одлуката доаѓа по иницијатива покрената од претходниот претседател на Сојузот на средношколци, Лука Павичевиќ.
По сопствена иницијатива, Судот ќе поведе и постапка за првиот став на членот 41-а. Постапката се однесува на делот „јавното“, а целиот став е: „За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавното средно училиште се организира бесплатен јавен превоз, ако ученикот не се смести во ученички дом.“.
Образложението на Судот е дека со овие ставови се повредува уставниот принцип на еднаквост, односно различно се третираат учениците во јавните, во однос на учениците во приватните средни училишта при користењето на бесплатен превоз до училиштето.
Сојузот на средношколци во април минатата година подготви две предлог-законски решенија кои се однесуваат на бесплатен превоз за сите средношколци и гарантирање на ученички совети во секое училиште.
Во март годинава тие предлогот го доставија до Собранието, по што беше организиран јавен настан каде оттаму истакнаа дека се работи за голема дискриминација на учениците од приватните училишта.
Бесплатен јавен превоз за сите средношколци бара Сојузот на средношколци