Уставниот суд денеска едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите, односно за Преспанскиот договор, и исто така ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на указот со кој е прогласен овој Закон.
Судот оценил дека Законот за ратификација на договорот е во согласност со Уставот, што значи дека останува дел од правниот поредок на државата, посочи претседателката на судот Добрила Кацарска.
„За овој предмет беше спроведена темелна постапка, подготвителна седница и сеопфатна анализа на уставно судската пракса. Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува Закон, Указот не се укинува посебно“, изјави Кацарска.
Во иницијативите за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен Законот и Преспанскиот договор, како што посочија претходно од Уставниот суд било истакнато дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот.
„Се тврди дека оспорените акти го нарушуваат владеењето на правото. Наведено е во дел од иницијативите дека претседателот на Собранието на Република Македонија немал надлежност да утврдува одговорност дека претседателот на Републиката го кршел Уставот со непотпишување и во дадената ситуација, претседателот на државата не бил спречен да ја врши функцијата, за да биде заменет од страна на претседателот на Собранието, односно да го потпише Указот, со што се наведува дека е повреден и членот 82 од Уставот. Бидејќи претседателот на Републиката не го потпишал Указот, се наведува дека оспорениот закон не важи и не може да произведува правно дејство, односно објавување на Законот без потпис на претседателот на Република Македонија е грубо кршење на Уставот. Во дел од иницијативите подносителите тврдат дека Спогодбата е ништовна бидејќи била во спротивност со меѓународното право на самоопределување на народите, правото на секој народ да избере свое име, идентитет, свои национални обележја, симболи и др и во спротивност со Виенската конвенција за договорно право“, посочија претходно од Уставниот суд.