Уставниот суд вчера не донесе одлука за предметот У.бр.186/2026 во кој се оспорени членовите 17 и 18 од Изборниот законик, поради тоа што предлогот за поведување на постапка и оценување на уставноста на оспорените одредби не го доби потребното мнозинство на гласови.
Од Уставниот суд соопштија дека согласно спротивставените размислувања на судиите, кои биле изнесени и во текот на седницата, но и при гласањето дошло до изедначување на гласовите, имајќи во предвид дека на седницата биле присутни 8 од вкупно 9 судии. Ова сега значи дека дискусијата за предметот е исцрпена, но, постапката и понатаму останува отворена, по што Судот во полн состав од 9 судии ќе гласа за предметот наредната седница, најавија оттаму.
Иницијативата со која се оспорени измените на Изборниот законик беше поднесена од претставници на независни листи од последните локални избори во Македонија.
„Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик, кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на избори на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1.000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа“, се наведува во иницијативата до Уставниот суд.
Од граѓанската иницијатива Зелен хуман град претходно го повикаа Уставниот суд да го заштити Уставот, и како што рекоа, да спречи дискриминација за кандидирање на граѓаните на јавни функции.
Измените на Изборниот законик беа донесени Собранието во март лани, здружено со 84 гласа „за“ и само 2 воздржани. Независните листи уште тогаш остро реагираа дека со ова практично се исфрлаат од игра независните кандидати и се спречуваат да учествуваат на сите следни избори на локално и национално ниво. Односно, како што некои од независните тогаш коментираа, тие практично се туркани кон тоа да размислуваат дали можеби да се регистрираат како партии, што им оди во прилог на големите партии, со цел да се обесхрабруваат граѓанските иницијативи.
Големите ги туркаат малите од независните листи за да формираат партии