Уставниот суд на Романија со седум гласови „за“ и два „против“ одобри организирање референдум за промена на уставната дефиниција на семејството, кој ќе се одржи на 6 и 7 октомври.
Референдумот би можел да го промени уставот со цел експлицитно да биде наведено дека бракот е заедница помеѓу маж и жена, а не меѓу сопружници, како што е во моментов. Иницијативата за уставни промени досега собра три милиони потписи.
Прашањето, на кое Романците ќе треба да одговорат е: „Дали се согласувате со законот за ревизија на Уставот на Романија во формата, одобрена од Парламентот?”, информира владиниот портпарол Нелу Барбу.
Премиерката Виорика Данчила рече дека референдумот „не е против сексуалните малцинства, туку е резултат на една граѓанска иницијатива“. Таа исто така ги повика партиите јасно да ги кажат своите ставови, наместо да го бојкотираат гласањето.
„Согласно законот, Владата има обврска да го организира гласањето“, рече Данчила.
Претседателот на владејачката Социјалдемократска партија Ливиу Драгнеа ја поздрави одлуката на Парламентот со која се одобри граѓанската иницијатива за ревизија на Уставот.
Одредени пратеници од конзервативната источноевропска држава тврдат дека уставот треба да се промени на верска основа.
Групата што се залага за рамноправност на истополовите бракови го критикуваа предлогот за референдум, за чијшто успех неопходно е да излезат 30 проценти од граѓаните. Реагираа дека Романија не ги признава истополовите бракови, а на истополовите парови не им нуди правна заштита.
Исто така, реагираа и меѓународни организации, меѓу кои и „Амнести Интернешнел“, потенцирајќи дека референдумот може да доведе до кршење на меѓународните стандарди за човекови права и да поттикне хомофобична дискриминација во земјата.
„Последица, најверојатно, ќе бидат понатамошни ограничувања на приватниот и семејниот живот на испополовите двојки и нивна дискриминација во секојдневниот живот”, додаде организацијата.