Уставот нема да се менува, ВМРО-ДПМНЕ не доби поддршка за бракот

Со 47 гласа за, 26 гласа против и 12 воздржани Собранието денеска не го усвои предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за промена на Уставот, бракот да се дефинира како заедница помеѓу еден маж и една жена.

За носење на одлуката е потребно двотретинско мнозинство а предлогот на владејачката партија не доби поддршка од ДУИ, СДСМ и ДПА.

Освен за бракот на денешната расправа во Собранието се дискутираше и за правата на Албанците, Охридскиот рамковен договор и религијата.

Пратеничката Ермира Мехмети од ДУИ рече дека албанските партии се за уставни промени, но само кога уставните измени се коренити и значајни а не како оние за кои се дискутира.

„ДУИ смета дека Уставот како основен акт на земјата кој ги регулира односите на граѓаните и го регулира поредокот на државата, треба да се гради врз начелата на инклузивност а не на исклучување. Ние сметаме дека со сегашните решенија кои ги нуди Уставот од аспект на бракот, оваа тема не бара подлабок третман. Не мислиме дека треба на овој начин да се направи оваа промена на Уставот, со исклучување на помалите групи во општеството“, рече Мехмети.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ромео Тренов, истакна дека според него, сите освен 3% во државата се согласуваат со предложените уставни измени.

„Во земјите во кои сега традиционалниот брак е изедначен со хомосексуалниот брак се одеше со една мека агенда, се снимаа филмови, имаше предавања, се зборуваше за недискриминација, се пуштаа летоци и пополека се подготвуваше јавноста и дојде до посвојување на деца. Ве повикувам сите ДУИ, ДПА и СДСМ, барем за оние кои сметам дека се упатени во верата, ако се сложувате во тоа дека бракот треба да биде меѓу еден маж и една жена, да се надминеме и да гласаме за овие уставни измени“, рече Тренов.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев ги осуди вчерашните изјави на пратеникот Драгиша Милетиќ кој рече дека хомосексуалноста е болест.

„Вчера во ова Собрание беше кажано дека хомосексуалноста е болест, а тоа одамна е исклучено од Светската здравствена организација и многу други меѓународни организации. Тој говор не треба да биде дел од дискурсот во земјава и треба да биде осуден, не треба да има дискриминација кон никого. Пратениците на СДСМ не го осудија нападот врз актерот Петар Стојковиќ, нападот врз сопругот на Ирена Цветковиќ…Оние кои велат дека се заштитници на овие групи, во ходниците на ова Собрание ги исмејуваат хомосексуалците и негативно ги нарекуваат. Во Македонија не треба да има било каква дискриминација, исмевање или насилство, но бракот е поддржан од граѓаните како институција меѓу еден маж и една жена и затоа да ги поддржиме измените“, рече Ѓорчев

Пратеникот на СДСМ, Игор Ивановски реплицираше дека зад наводната заштита за семејството, не се кријат позитивни намери, бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ го уништува семесјтвото.

„Тие со својата катастрофална политика ги натераа луѓето да се иселуваат од земјата. И самите како ВМРО вие не верувате во ова што го предлагате, ве разбирам дека сте нервозни зашто јавноста не ви ја прифати оваа игра. Врз база на кој критериум тие проценија дека 97% ја поддржуваат оваа измена?Не видовме никаква анкета за потврда на ова тврдење“, рече Ивановски.

Со реакција за собраниските расправи денеска се огласи Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, од каде велат дека се згрозени од политичкиот варваризам и најостро го осудуваат говорот на омраза и дискриминацијата кон ЛГБТИ луѓето искажан вчера во Собранието.

„Како да се сфати постојаното инсистирање на владејачката партија да се води јавна расправа на тема „истополови бракови“, кога ЛГБТИ луѓето се изложени на неказнето насилство и на постојани закани и дискриминација во сите општествени сфери, кога полицијата се уште ги нема пронајдено силеџиите кои извршија дивјачки напади врз активисти и организации за човековите права на ЛГБТИ, и кога ниту една невладина организација во Република Македонија не го покренува прашањето за редефинирање на бракот?“, се вели во реакцијата на коалицијата.

Вчера дел од пратениците, на расправата по повод предлог уставните измени за дефинирање на бракот, ги исмејуваа хомосексуалците.

К.О.