Универзитетската изборна комисија го усвои приговорот на професорот Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања за учество на изборот за ректор, откако првично беше дисквалификуван поради нецелосна документација. Со ова, во трката за нов ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје учествуваат вкупно седум професори.
Атанасов претходно тврдеше дека регуларно ги поднел своите документи во печатена и електронска форма, а при тоа навел дека неговата програма е заштитена со лозинка и дека ќе ја направи достапна кога комисијата ќе ги разгледува документите, односно ќе заседава. Но, од него, вели тој, не било побарано да ја соопшти лозинката иако до комисијата оставил и лични контакти. Тој најави и кривични пријави против членови на Комисијата ако не се усвоеше неговиот приговор.
„Одлучувајќи по приговорот, Комисијата со помош на лозинката утврди навреме доставениот документ во електронска форма е Програма за работа на проф. д-р Петар Атанасов, дека тој во целост кореспондира со програмата за работа доставена во хартиена форма, поради што одлучи како во диспозитивот на ова решение“, се вели во документот од Универзитетската изборна комисија.
Против-кандидати на Атанасов се професорите Јане Ацевски и Коле Василевски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, потоа Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет.
Според Роковникот, професорите треба да гласаат на 26 јуни.