Владата усвои измени на Законот за основното образование преку кои кои се воведува редовен образовен процес за малолетниците во воспитно – поправните и казнено – поправните установи, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
По предлог на МОН, новите законски измени предвидуваат образовниот процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи да се спроведува по наставен план и наставни програми за основно образование за возрасни.
Досега во посочените установи образованието се водеше по експериментални програми.
„Учениците по формализацијата на образовниот процес ќе добиваат свидетелства за завршено образование, како и учениците во редовните основни училишта. За нивно вклучување во настава, доколку се под 16 годишна возраст, претходно се врши проверка на знаењето заради распределба во соодветно одделение на основното образование“, велат од МОН.
Оттаму додаваат дека наставата ќе ја реализира училиште кое има верификација за образование за возрасни и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи – основното општинско училиште за возрасни „Антон Семјонович Макаренко” – Скопје.
Од МОН посочуваат дека за реализација на законските измени, првично ќе биде потребно да се вработат до најмногу 6 наставници.
„Бројот на наставници што ќе треба да се ангажираат во иднина ќе зависи од бројот на штитениците во воспитно – поправните и казнено – поправните установи и групите, односно паралелки кои би се формирале“, дополнуваат од Министерството.